Проект за помош и поддршка на повозрасните во гостиварските села – ММС
ММС

Објавено на: 08/12/20 6:03 PM

Проект за помош и поддршка на повозрасните во гостиварските села

Членовите на семејствата кои се социјално загрозени и живеат во околните села деновиве добиваат поддршка и помош. Храна, хигиенски пакети, лекарски преглед и совети како да се заштита од коронавирусот се дел од помошта предвидена преку проектот „Информирај се, едуцирај се, солидаризирај се – стоп Ковид 19!”, што се реализира во општина Гостивар.

– Со него се опфатени лица постари од 65 години кои добиваат социјална пензија и живеат во руралните средини во општина Гостивар. По првата фаза за подготовка на проектот и анализата, ја започнавме конкретната работа на терен. Од овој месец започнавме со распределбата и посетата на 120 семејства. Целта на овој проект е нашите сограѓани полесно да се справат со актуелната криза. Добивме и несебична поддршка од активистите на ОО Црвен крст Гостивар, на што сме неизмерно благодарни, вели Анета Филипоска, проект координатор во Иницијатива за граѓански интеграции (ИГИ).

Таа појаснува дека со ваквиот начин на поддршка и доставување на прехранбено-санитарни пакети, 360 семејства имаат можност за медицински третман, односно основен лекарски преглед. Притоа од медицинскиот тим, повозрасните добиваат и информации за мерките за заштита од Ковид-19.

Проектот „Информирај се, едуцирај се, солидаризирај се – стоп Ковид 19!” во целост е финансиран од Владата на Република Северна Македонија.