Лилард повторно стрелаше над 50, Феникс со 7-0 ќе брка историски плејоф – ММС
ММС

Објавено на: 08/12/20 1:43 PM

Лилард повторно стрелаше над 50, Феникс со 7-0 ќе брка историски плејоф

Додека некои од НБА кошаркарите кои се потсмеваа на Лилард и промашените слободни фрлања против ЛА Клиперс, а тие што се потсмеваа многу често се втора или трета виолина во своите тимови, скроени да освојат по некој прстен, ѕвездата на Блејзерси им ја „затна“ устата на критичарите повторно. Овојпат уште посилно од претходно, постигнувајќи 61 поен во победата над Маверикс претходната вечер.

Портланд победи 134:131, а Лилард го сруши својот персонален рекорд и влезе во историјата. Шутеви за три поени од „длабокото“, изнудени слободни фрлања, проигрување, одлична одбрана.

Тој шутираше 17-32 од игра, вклучувајќи 9-17 од зад линијата за три поени, забележувајќи осум асистенции, пет скокови и една украдена топка. Перфектни 18 од 18 од линијата за слободни фрлања.

-Мојот „среќен шут“ беше посветен за братучед ми. Почивај во мир, Chef B, мислам дека топката во мрежата ја стави тој наместо мене. Тој беше мојата десна рака. Се што ќе посакав правеше за мене, неговата загуба ме боли. Сакам да продолжам по патот за кој тој би се гордеел, изјави Лилард по завршувањето на мечот.

На Лилард ова му беше трет натпревар со 60 или повеќе од 60 поени сезонава, но и во целата НБА кариера, станувајќи единствениот кошаркар покрај Вилт Чемберлејн кој го направил тоа во една сезона.

Оваа победа ги искачи Блејзерси на посакуваната осма позиција на Западот и им овозможи шанса за борба против Лејкерси во првата рунда во плејофот. Поразот на Мемфис од Селтикси им ја олесни значително работата, но победата на Феникс и скорот од 7-0 во „баблот“, од друга страна ја искомплицира ситуацијата.

Феникс Санс се изненадување во регуларниот дел од сезоната, односно во нејзиното продолжение по прекинот од пандемијата на коронавирусот. Иако многумина сметаа дека Санси неправедно и непотребно се поканети од страна на НБА во меурот на Флорида, предводени од Букер, Санси ја демантираа спортската и кошаркарска јавност и се на чекор да направат нешто навистина неверојатно.

Пред рестартот на регуларната сезона, на Санси му беа потребни осум победи од исто толку натпревари и уште мал милион надворешни фактори што морат да се погодат, за да Феникс добие прилика за плејоф. Практички, невозможна мисија. Но спортот нема да е спорт доколку не ни пружи вакви приказни (ќе видиме за некој ден дали со среќен крај).

Санси ја победија екипата на Филаделфија 130:117 и ја освоија седмата победа во Орландо. Девин Букер уште еднаш покажа за каков играч се работи и своето лидерство и квалитети ги истакна со 35-те поени против десеткуваните Сиксерси. Деветте скокови и седумте асистенции, дополнително му помогнаа на тимот да дојде до посакуваната победа.

Гризлис го губат чекорот, но тука се. Сан Антонио Спарс и Блејзерси, исто така. Конкуренцијата за едното место е огромна, притисокот уште поголем. Навистина е штета што ваквиот подвиг на Санси, но и на другите екипи кои дојдоа во Орландо да се борат, а не да продефилираат на паркетот, ќе остане без плејоф награда.