Магијата на театарските штици ја носи во себе уште од неговото раѓање, вљубеник во уметноста во чиј тефтер се запишани бројни улоги, секоја одново сработена со огромен елан и ентузијазам, а креативноста никако кај еден уметник не може да застане. Во ова време- невреме , македонскиот актер Драган Спасов Дац се задржа во опусот на творењето па зачекори по музичката калдрма. Од „ Цреши Охридски“ до последната „ Слика“ , дуото Митевски- Дац ја освојува македонската јавност и земјите од регионот. Двајцата исклучително талентирани уметници со пријателски шмек, по пат на природност и едноставност наметнуваа насмевки кај луѓето, и сега истите ќе може да се доживеат и со целовечерен прв концерт на 14-ти август во Античкиот театар во Охрид. За творештвото и музиката, разговараме со Драган Спасов Дац:
Пандемијата предизвикана од коронавирусот наметна нов начин на живот, најмногу за уметниците. Знаеме дека сте вљубеник во уметноста во сечија нејзина форма, но театарот важи за ваша прва љубов уште од дете. Како го поминувате времето надвор од Драмски театар?
-Јас сум во театарот буквално од моето раѓање. Татко ми Стево кога јас се родив не се симнуваше од сцената на Драмскиот театар. Мене тешко ми паѓа летниот период кога нема претстави, а камо ли ова што не задеси. Ние прекинавме подготовки на претстава 20 дена пред премиера и тоа многу тешко ни падна на сите.
Времето надвор од мојот театар го поминувам креативно, во создавање на музика и тоа ми дојде како лек за одсутноста од сцената
За еден актер сите улоги се подеднакво специфични и максимално се вложува за да го доловат ликот, но која е улогата која што Ви била најтешка да ја одиграте?
-Нема лесни и тешки улоги, актерот се дава онолку колку може за создавање на еден лик. Колку е повеќе навлезен во ликот што го толкува, толку полесно ќе го интерпретира и тоа публиката ќе го награди.
Една година по претставувањето на дуото Митевски- ДАЦ на „ Охридски трубадури“ ,се враќате на „ местото на злосторството“ – во Охрид со целовечерен концерт. Зошто токму сцената на Античкиот театар , на што треба да се подготвени посетителите на ова музичко уживање?
– Имавме разни понуди за настапи овој период, но ние досега не настапивме никаде, рековме ќе настапиме кога ќе има услови за тоа. Во Амфитеатарот во Охрид ги има тие услови, од 5000 места за седење ќе се искористат околу 1000 и се ќе биде според протоколите.
Со карантиската верзија на „ Кометал Шампионе“ предизвикавте огромни емоции кај цела нација. Како се сеќавате на тој натпревар кога „ Кометал “ ја донесоа титулата во Скопје ?
-Кога се играше натпреварот бев на снимање на една серија во Струмица. Ќе снимевме парче и потоа сите трчавме пред телевизорот да се информираме за резултатот. Така скоро цел натпревар (затоа што моравме да завршиме вечерта со снимање), а пред крај сите се наредивме пред ТВ за да го догледаме натпреварот. Се сеќавам дека очите ми беа полни со солзи радосници.
После премиерата на серијата “ La casa de papel” , „ Bella ciao” некако одново се стекна со голема популарност, но обработката на Митевски и Дац победи, дури и кај бугарскиот премиер Бојко Борисов. Која е приказната зад „ Корона чао“ ?
-„Корона чао“ е типичен пример за прав потег во право време. Иако ја мислевме подолг период, баш тогаш ја направивме и песната стана балкански хит со скоро 4 милиони прегледи на YouTube.
Многу од луѓето за време на карантинските денови се насочија кон слободни активности, некои готвеа, некои спортуваа, некои пак станаа уште поголеми љубители на храната .Во која категорија може да Ве „ сместиме“?
– Јас сум кулинар и готвам цел живот. За време на карантинот почнав и повеќе да јадам, веројатно заради тоа што ги оставив цигарите, па сега се справувам со последиците. Значи можете да ме сместите во сите категории од прашањето.
Дац е познат на јавноста и како голем романтичар. Одбележавте „ илјадагодишнина“ со вашата сопруга од вашиот брак. Колку години сте заедно што се чинат како илјада? Како се запознавте?
-Што се илјада години во споредба со вечноста. Кога е нешто убаво сакаме да трае што повеќе.
Ние се запознавме така што кога се сретнавме јас и реков дека се викам Драган, а таа ми рече дека се вика Весна и од тогаш се знаеме.
8.Што е клучно за успешен брак?
-Љубов, разбирање и почитување, ние тоа го имаме во огромни количини, барем за милион години.
Кристина Алексиеска