Во домот на културата во Стојаково, по иницијатива на граѓанско здружение,со помош на Општина Богданци и одделението за локален економски развој,отворена е музејска поставка посветена на настани и познати личности кои потекнуваат од селото.
Првиот дел од музејската поставка е посветен на големиот познавач на средновековната археологија и резбарство во Македонија, неодамна починатиот д-р Димитар Ќорнаков. Покрај неговата слика се поставени и сликите на уште двајца познати стојачани,д-р Анго Пеев и Ристо Стамков кои, според иницијаторите ,со своите трудови и љубовта што во себе ја носеле кон Стојаково,заслужиле да се најдат во собата на личности кои со своите дела придонеле надалеку да се слушне за Стојаково.
Во вториот дел од музејската поставка се претставени предмети кои во селото биле користени пред и за време на Првата светска војна, фотографии и оружје кое во тоа време било користено на воените позиции на Дојранскиот и Вардарскиот фронт кои се протегале од Гевгелија преку Богородица, Стојаково, Селемли и Дојран до Беласица.