Со реализирање на еко-акција во општина Македонска Каменица се уредуваат јавните површини во градот. Акцијата ја спроведуваат екипи на Јавното претпријатие „Камена Река” од каде информираа дека акцијата се одвива на повеќе локации.
– Како јавно претпријатие „Камена Река” продолжува со спроведување на редовни еко акции за чистење на јавните површини во општина Македонска Каменица. За таа цел утрово, вработените во претпријатието уредуваа и чистеа повеќе простори во централното урбано подрачје во Македонска Каменица. Во еко-акцијата покрај крупната механизација, редовно учествуваат и сите вработени во организацијата, информираа од претпријатието.
Како претпријатие задолжено за јавната чистота и комунална хигиена во општина Македонска Каменица, од „Камена Река” најавија спроведување на повеќе редовни еко-акции и на останатите локации во М.Каменица.
Од претпријатието упатија апел до граѓаните на општина Македонска Каменица за заеднички придонес кон зачувувањето на чистата животна средина и поголема одговорност на граѓаните при одржувањето на јавната чистота во заедницата.


