Состојбата со Ковид19 во Гостиварско станува сериозна, потребно е доследно почитување на заштитните мерки – ММС
ММС

Објавено на: 08/11/20 2:15 PM

Состојбата со Ковид19 во Гостиварско станува сериозна, потребно е доследно почитување на заштитните мерки

Во Гостивар и околината се бележи значителен пораст на новозаразени со корона вирусот и состојбата станува сериозна. Во билтенот на здравствените власти до денес биле забележани 261 активен случај. Ова е беше констатирано на состанокот на регионалниот кризен штаб за општините Гостивар, Врапчиште и Маврово-Ростуше. Оценка е дека забрзаното ширење на вирусот се должи на неодговорноста на граѓаните што не ги почитуваат мерките.

Во гостиварскиот регион изминативе денови во извештаите имаше двоцифрени бројки на нови активни случаи, а минатата недела беше во самиот врв со 22 случаи.

Од кризниот штаб испратија апел до граѓаните и институциите за доследно почитување на мерките за заштита и особено на подигање на свеста за постоење на болеста. Во Гостивар било забележано дека дел од новоинфицираните имале контакти со заболени при домашни посети.

– Во моментов на нашето подрачје има 283 излекувани лица, а со позитивни тестови во домашни услови се наоѓаат и лекуваат 240. Во болниците има 21 пациент. За жал има неодговорни граѓани и покрај контактите со заболени не ги почитуваат протоколите и се шетаат слободно и на тој начин ставаат во ризик многу други лица. Властите тоа мора да го санкционираат и да бидат поригорозни, рече Ваљбон Лимани од кризниот штаб.

Од почетокот на пандемијата во трите општини како позитивни на Ковид 19 се регистрирани 572 граѓани, најмногу во Гостивар 447, во Врапчиште 112 и Маврово Ростуше 13. Од нив како активни се водат 261, од кои две третини (214) се на територијата на општина Гостивар. Досега како последица од Ковид-19 починале 28 лица (Гостивар 20, Врапчиште 7 и Маврово Ростуше 1). Досега направени се 1.954 тестирања.

Заради зголемувањето на бројките на новоинфицирани во гостиварскиот регион заради заштита од корона вирусот, беше најавено и вонредна дезинфекција на јавните површини.