Девојки, играјте фудбал, тоа не е само машки спорт – Искрено со Драгана Костова, првиот женски тренер на машка екипа – ММС
ММС

Објавено на: 08/12/20 8:00 AM

Девојки, играјте фудбал, тоа не е само машки спорт – Искрено со Драгана Костова, првиот женски тренер на машка екипа

Општествените предрасуди и стереотипи во ниту еден контекст сè уште не можат да ги поимаат жените во фудбалската игра на глобално ниво. Во 2020 година, тука и таму се наоѓаат исклучоци од правилото, но сепак потребно е многу време да се отелотвори во пракса она „фудбалот не е само машки спорт“.

И за тоа дека фудбалот не е навистина само машки спорт, ни доаѓа пример од Македонија, односно Росоман. Фудбалскиот тим од ова место, од оваа сезона и второлигаш ја ангажираше Драгана Костова како кормилар на младата екипа којашто ќе се обиде што подолго да остане во лигата и да се обиде во следните неколку години да стане и член на ПМФЛ.

За тоа какво е чувството да се влезе во историјата како првиот женски тренер во македонскиот фудбал, притисоците кои доаѓаат со самата функција, тренерски идоли во животот и мотивацијата и храброста во оваа работа, ние од mms.mk разговаравме со Драгана Костова.

Не само што влегувате во историјата на македонскиот спорт како првата жена што ќе води машки фудбалски тим, туку станувате име кое руши своевидни општествени предрасуди, со оглед на тоа дека женскиот спорт е потценет, а фудбалот е „исклучиво машка работа“? Како се чувстувате во врска со тоа?

-Секаде во светот женскиот фудбал е ценет близу како и машкиот, само кај нас на Балканот фудбалот е машки спорт. Јас како прва жена во машкиот фудбал имам храброст и се надевам дека ќе ја имаат и другите девојки да тргнат по моите стапки. Да докажеме дека ние вредиме и да докажеме дека и девојките играат фудбал и можат да бидат тренери. Преголема е желбата за докажување.

Селекцијата на Соединетите Американси Држави на Светското првенство во 2019 година го совлада европскиот шампион Холандија и го освои златото. Не само од организационен и комерцијалн аспект, последното Светско првенство за жени се чини дека беше и играчки на многу високи ниво, изобилувајќи со квалитетен фудбал и тактички надмудрувања. Од друга страна пак, сериозни екипи во Европа како Лион, Волфсбург, проследени со секогаш актуелните Скандинавци, вложуваат многу во женскиот фудбал и се трудат да го следат чекорот со машките колеги. Какви се вашите видувања на оваа тема и долгорочни проекции за популарноста на овој спорт?

-Женскиот фудбал за разлика од пред 10 години е на многу повисоко ниво. Скандинавските екипи и женската репрезентација веќе бараат примањата да бидат како на машките екипи, така и на женските. Да не се потценува женскиот фудбал затоа што веќе сите екипи почнаа да вложуваат и фудбалот се крена на повисоко ниво, а со него и самата популација. Холандија од пред една недела го започна проектот во кој фудбалерките ќе можат да играат против фудбалерите. Така прва фудбалерка 19 годишната Елен Фокем која ќе го засили четвртолигашот ВВ Фораут. Екипата на Лион владее веќе подолго време, како во Франција, така и во Лига на Шампиони. Време е и кај нас прво медиумски повеќе да се пишува за женскиот фудбал и мислам дека ФФМ треба да почне како што има пренос за ПМФЛ, така да има и за ПЖВЛ.

Што ве мотивираше за влегувањето во тренерските води?

-Отсекогаш сум сакала по завршување на фудбалската кариера да продолжам со тренерска. Тоа е она што најмногу ме исполнува. Во фудбалот сум веќе 17 години. Досега бев тренер на младинска женска екипа и одлично е да се работи со деца, но нема подобро од тоа да си тренер на машка екипа.

Кој е вашиот тренерски идол?

-Мој тренерски идол отсекогаш бил Сир Алекс Фергусон, а по неговото пензионирање омилен тренер ми е Зинедин Зидан.

Со каков ростер располагате во ФК Росоман и кои се вашите амбиции за оваа и следните неколку години?

-ФК Росоман 83 располага пред сè со талентирани и доста млади фудбалери. Наша цел за оваа сезона е да уживаме на секој натпревар, да играме фудбал и да се надигруваме со секоја екипа. Нормално, прва цел е опстанок во второлигашкото друштво.

Кој фудбалски стил ви е најпримамлив? Трендот во светскиот фудбал во моментов налага прилагодување на брз и напаѓачки фудбал. Дали тоа е можеби вашата преференца, многу додавања, освојување простор, или вие се држите до оној „олд скул“ фудбал со многу трчање, контри и полу-контри и директност кон противничкиот гол?

-Љубител сум на брз и напаѓачки фудбал. Но не секогаш можеш да го играш тоа. На формацијата многу влијаат и фудбалерите кои ги имаш во екипата и исто така противникот против кој треба да играш. Така што одиме чекор по чекор и се подготвуваме формациски од меч во меч, зависи кој е нашиот противник. Нам како најмлада екипа највеќе ни одговара да играме малку позатворен систем, со брзи контри и полу-контри.

На кој начин ќе се обидете да наметнете авторитет врз вашите играчи, земајќи го предвид фактот дека младите тренери честопати имале потешкотии во водењето на тимот?

-Од самиот почеток имам потполна поддршка од претседателот, секретарот и сите фудбалери. Почитуваат и исполнуваат задачи кои ги барам од нив за време на тренинзите и пријателските натпревари. Со мене исто така е и мојот колега Никола Глигоров кој е долго време тренер и ми помага да се усовршувам во оваа струка.

 Македонска женска фудбалска репрезентација, македонско женско фудбалско првенство. Пред една деценија овие приказни започнаа амбициозно, како што одминуваше времето за жал згаснаа. Во што лежи причината за неуспехот во женскиот фудбал и дали мислите дека во догледно време во Македонија ќе се игра сериозен женски фудбал?

-За разлика од пред неколку години женскиот фудбал во Македонија е на едно повисоко ниво. Пред неколку години имавме само пет екипи во лигата, а сега имаме 16. Од следната година ќе имаме и втора лига што значи дека ФФМ работи на квалитет во лигата. Во Женски фудбал недостасуваат спонзорите, затоа што трошоците се големи, а спонзори ги има помалку. Условите за разлика од машките екипи се рамни на нула. Разликата во првенствата и во условите од нашите и на другите држави се преголеми и затоа се такви резултатите кога играме натпревари во квалификациите за европските натпреварување. Исто се случува и кога наш претставник игра во Лига на Шампиони.

Порака до сите жени кои го сакаат спортот и фудбалот, но поради одредени општествени бариери не се осмелувѓаат активно да партиципираат?

-Играјте фудбал и бидете среќни. Имајте си цел во животот и додека не постигнете тоа што сте зацртале, не се откажувајте. Фудбалот не е машки спорт! И девојките играат фудбал, поддржете го женскиот фудбал!

 

 

Давор Јосифоски