Македонските ракометари денеска ќе ја добијат следната голема задача во репрезентативните кариери. Во Копенхаген, во 12.30 часот ќе биде извлечена ждрепката за групите на Светското првенство во Германија и во Данска во 2019 година.
Веќе ги објавивме „шешири“, според кои Македонија е во третиот квалитативен ранг, заедно со Германија, Катар и со Австрија. Тоа значи дека овие репрезентации сигурно нема да ни се паднат во ждрепката, но поради полудиригираниот карактер, значи и дека сигурно нема да играме во Берлин.
Главниот град Германците си го одбраа како своја база и веќе се знае дека нивна е групата А. По истиот терк, Данска ќе биде во Хернинг, во групата Ц, а и двата домаќина ги назначија Хрватска како сигурна во групата Б во Минхен и Шведска како носител во групата Д во Копенхаген.
Од синоќа познато и точно кои екипи од Јужна Америка ќе учествуваат на СП, откако Аргентина го освои Панамериканското првенство, совладувајќи го Бразил во финалето (29-24). Така, потенцијален противник од четвртиот „шешир“ ни се Аргентинците, а од петтиот Бразил и Чиле, кој за да заврши трет, го победи Гренлднд дури по продолженија.
Ова ќе биде четврто по ред Светско првенство за Македонија и вкупно шесто, а особено е важно затоа што ќе носи пласман во квалификациите за ОИ 2020 во Токио.
Ждрепката може да ја следите на овој линк.
ШЕШИР 1: Франција, Шпанија, Шведска, Данска
ШЕШИР 2: Хрватска, Русија, Норвешка, Унгарија
ШЕШИР 3: Катар, Германија, Австрија, МАКЕДОНИЈА
ШЕШИР 4: Исланд, Србија, Тунис, Аргентина
ШЕШИР 5: Египет, Бахреин, Бразил, Чиле
ШЕШИР 6: С. Арабија, Ј. Кореја, Ангола, Јапонија