Првото звучно засилување на екипата на Дејвид Бекам, Интер Мајами, доаѓа од врвот на европскиот фудбал. Блас Матуиди го напушта шампионот на Италија и се сели во редовите на новиот прволигаш во МЛС фудбалската американска лига.
Екипата од Мајами во изминатиов период се поврзуваше со многу имиња кои се во поодминати години, но имаат задржано фудбалски квалитет во нив, особено за лига со далеку послаб квалитет од она што го пружаат европските и конечно го најде името кое може да привлече и други фудбалери од европскиот континент да се преселат во сончевата Флорида.
Некогашниот играч на ПСЖ и Франција стана „жртвата“ на новиот тренер на Јувентус, Андреа Пирло и неговата идеја за подмладување на ростерот и вовед во транзиција на црно-белите од Торино, кои имаа неуспешна сезона во Лигата на Шампионите оваа сезона, испаѓајќи во осминафиналето од Лион.
На Матуиди му преостанува уште една година од договорот и затоа Интер Мајами ќе мора да му плати отштета на италијанскиот гигант. Сумата за трансферот засега е непозната, но она што е познато е дека после Матуиди, на излезна врата од Јувентус ќе бидат Гонзало Игуаин и Сами Кедира.


