Со настапи на отворено пред Центарот за култура „Иљо Антески-Смок” во Тетово вечерва продолжува фестивалот „Меридианс” организиран од Здружението за култура „Артал”. Пред тетовци со концерт ќе се претстави домашната група Трио Шербет со почеток во 20 часот.
-За разлика од претходните изданија на фестивалите минатите години поради пандемијата сите настапи се на отворено со цел заштита на публиката и учесниците со задолжително носење маска и чување растојание, а воедно да овозможиме неколку вечери со културни збиднувања, велат организаторите од здружението Артал.
Учесниците на фестивалот поединечно настапуваат пред публиката. Во петокот во дворот зад Центарот за култура концерт одржа солистите Дајана Малолари и Ровена Џелили, во придружба на пијанистката Лаура Лила. Настаните се поддржани од Министерството за култура.


