Уметници од земјава и странство на работилници во Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп – ММС
ММС

Објавено на: 06/24/18 11:17 AM

Уметници од земјава и странство на работилници во Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп

Од денеска во наредните десеттина дена 27 уметници од земјава и од Шпанија, Србија, Хрватска и од Црна Гора ќе ги создаваат своите дела во пет работилници – интернационални колонии во рамките на Центарот за современа ликовна уметност во Прилеп.

Во интернационалната сликарска колонија ќе работат 15 ликовни уметници, главно од Прилеп и од Македонија. Во интернационалниот скулпторски симпозиум „Мермер“ ќе создаваат шест уметници од Шпанија, Србија, Хрватска, од Црна Гора и од Македонија, по двајца уметници ќе работат во интернационално студио за пластика во дрво и во интернационално атеље за скулптура во метал, а двајца уметници ќе содаваат дела во рамките на интернационално атеље за уметничка фотографија.

Според Јана Јанеска, раководител на Центарот за современа ликовна уметност, интернационалната сликарска колонија како најстара се одржува по 61-ви пат, а симпозиумот во мермер годинава одбележува 55 години постоење

– Ликовната колонија е една од најстарите не само во Македонија, туку и во овој дел од Европа. Задоволство е да се нагласи дека скулптури во мермер се создаваат веќе 55 години, а учествувале уметници речиси од целиот свет и создале вкупно 164 скулптури. Уметниците ќе творат во ликовната галерија при Центарот за култура „марко Цепенков“, на неколку локации и секаде ќаде ќе најдат инспирација. Скулпторите пак во симпозиумот за мермер делата ќе ги создаваат во Мермерскиот комбинат, вели Јанеска.

Дел од уметниците кои ќе ги обликуваат скулптурите во мермер е и Џузепе Страно Спиту, Италијанец по потекло, веќе 25 години живее и работи во Шпанија и ова е негова прва посета на Македонија и на Прилеп.

уметникот Џузепе Страно Спиту изјави дека има одлични впечатоци. – Ќе работам скулптура во мермер, бидејќи прилепскиот бел мермер е надалеку познат. Темата за моето дело е „обединувањето“ во секој поглед. Но, ги опфаќам и добрите и лошите страни на тоа. Некогаш тој „сојуз“, тоа обединување“ па макар и на две единки може повеќе да штети, единката да се чувствува како во затвор. Но тоа се контрастите што го привлекуваат моето внимание како уметник, вели Спиту.

Во шеесетгодишното постоење во рамките на колониите и работилниците на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп се создадени преку 1.500 дела кои се трајно македонско културно наследство.

– Некои дела се во институциите во Прилеп и во Македонија, дел во депо, а импозантен дел, скулптури се поставени на многу локации во Прилеп, па градот го носи епитетот најголема изложба на уметнички дела на отворено во Македонија. Тоа е за голема почит, вели Јанеска.

На Центарот за современа ликовна уметност на две години му беше одземена просторијата, односно галеријата, но сега, вели Јанеска работите доаѓаат на свое место. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура.

Извор: МИА