Направи кралство од музика а ние го урнисавме споменот – Да беше жива Есма денес ќе наполнеше 77 години – ММС
ММС

Објавено на: 08/8/20 9:56 AM

Направи кралство од музика а ние го урнисавме споменот – Да беше жива Есма денес ќе наполнеше 77 години

Да беше жива кралицата на ромската песна, Есма Реџепова Теодосиевска денес ќе наполнеше 77 години!! Од нејзината богата кариера и насмеано лице останаа само зборовите- да беше жива! Да, бидејки да беше жива ништо од ова што сега постхумно се случува, а што е големо разочарување за сите кои го почитуваа нејзиниот лик и дело немаше  да се случува.

Да беше жива сега ќе беше во Негорски бањи, место каде што овој период од годинава сакаше да се одмара и  да го прослави роденденот.

Да беше жива, како и секоја година ќе организираше хуманитарен настан за да им помогне на децата без родители, особено матурантите  достоинствено да го дочекаат полнолетството..

Да беше жива нејзиниот дом, кој го остави на државата и кој сакаше да биде музеј, немаше да изгледа како пустиња…

Да беше жива уште ќе се смееше од балконот на куќата каде требаше да биде собран целиот нејзин живот и кариера, кој со сопругот Стево Теодосиевски го направија бесмртен, бидејки легендите не умираат, туку се почитуваат..

Да беше жива, којзнае каде сега ќе пееше и достоинствено ќе ја претставуваше Македонија, како и целиот нејзин живот…

Да беше жива… Да беше жива… Да беше жива… Уште којзнае колку пати да се каже ќе биде малку да се спомене и да се одбележи денот на раѓањето на големата мајка на која светот и се поклонуваше, а поради алчни луге и неспособна држава, регионот ни се смее..

Четврти роденден се одбележува откако престана да чука нејзиното срце а ниедна желба на Есма не е исполнета..  А имаше само една желба- да не биде заборавена..

„Сакам се да оставам на државата. Куката да биде музеј. Тука да стојат урната на Стево и мојата, бидејки кога ке умрам и јас сакам да бидам кремирана, да бидат изложени сите мои фустани кои сум ги носела пред Тито, Гадафи, пред мајка Тереза и пред многу други битни луге кога сум одела на настап низ светот и сум ја промовирала Македонија, надвор направив мал амфитеатар, тука да се промовираат книги, да се чита поезија, да се одржуваат мали концерти, да се промовираат нови песни, велеше Есма во сите нејзини интервјуа.

Но, ниедна нејзина желба и по четири години не е исполнета. Освен една, благодарејќи на Филип и Раде, познати како „Браќата Нуне“, кои сакаат да и ја исполнат последната, да промовираат една од двете нејзини последни песни, снимени последните денови од нејзината смрт, која го прекина снимањето на целиот албум. Филип и Раде, кои беа дел од нејзиниот оркестар, внимателно четири години го подготвуваа овој материјал и денес на пладне  на Јутјуб ќе биде промовиран спотот за песната „Латино у моди“, отпееана на српски, бидејки смртта не и дозволи да ги сними македонскката и англиската верзија, но и да го сними целиот албум.

Ова е линкот, каде денес во 12 часот уште еднаш ќе се потсетиме на кралицата Есма, која животот го посвети на песната.