Редок феномен: Бебе во „водена обвивка” се роди на ГАК-Скопје – ММС
ММС

Објавено на: 08/8/20 9:39 AM

Редок феномен: Бебе во „водена обвивка” се роди на ГАК-Скопје

Бебе во „водена обвивка” се роди на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. Станува збор за медицинско чудо и редок феномен – раѓање во амнионска обвивка, што се случува еднаш во 80 илјади породувања.

Како што информира денеска Министерството за здравство, бебето родено во „водена обвивка” дојде на свет со помош на д-р Елена Ѓоргиевска-Николовска, гинеколог, која заедно со својата колешка д-р Катерина Николоска, со царски рез ја породиле трудницата која носела близнаци.

– Како гинеколог-акушер со 18-годишно работно искуство на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, имав прилика заедно со мојата колешка д-р Николоска да породиме пациентка во термин со близначка бременост со царски рез, при што, по породувањето на првото бебе, почна породувањето на второто бебе со „водена обвивка”. Целата екипа во хируршката сала во еден момент беше изненадена од овој природен феномен, и покрај големиот број породувања кои ги правиме секојдневно. Навистина, тогаш сфаќаме колку е совршена природата и како ги создала совршено сите работи, вели д-р Елена Ѓоргиевска-Николовска.

Во текот на бременоста бебето е сместено во матката на мајката, во обвивка која се нарекува „амнионска обвивка”, исполнета со течност, која го штити од бактерии и вируси од надворешната средина во текот на неговиот развој. Обвивката ги поддржува постелката и папочната врвца да ги извршуваат своите функции – да донесат кислород и хранливи материи од мајката кон бебето. На овој начин се развива бебето и преживува заштитено во стомакот на мајката.

– Во текот на породувањето многу ретко се случува „околуплодовата обвивка” да не прсне и бебето да се роди заедно со обвивката, како што било и внатре во матката, а многу ретко се случува при царски рез, бидејќи околуплодовите обвивки мора да прснат, за да се породи плодот, а речиси никогаш не се случува при спонтано вагинално раѓање, појаснува д-р Ѓоргиевска-Николовска. Потенцира дека станува збор за исклучително редок феномен во природата и се верува дека раѓањето во обвивките им носи среќа и на бебето и на целото семејство.

МИА