Наместо примамлив финансиски пакет од Саудиска Арабија или МЛС фудбалската лига на САД, Давид Силва сепак е решен остатокот од кариерата да го помине играјќи квалитетен фудбал на европскиот континент.
Лацио е сериозно заинтересиран за неговите услуги, а според зборовите на неговиот татко, самиот Силва е исто така отворен за трансфер во тимот од Рим.
Силва последниот натпревар за Манчестер Сити ќе го одигра против Реал Мадрид во реваншот од Лигата на шампионите, а потоа како слободен играч ќе може да потпише за екипата на Лацио, која следната година ќе се бори на три фронта (Сериа А, Купот на Италија и Лигата на шампионите).
Според „Скај Италија“, од таборот на Лацијалите се убедени дека во најбрз можен рок ќе постигнат договор со освојувачот на европското и светското злато со „црвената фурија“. Таткото на Давид Силва, патем и негов агент, верува дека Лацио за неговиот син е идеална дестинација, откривајќи ја одбиената понуда за продолжување на уште една година во Манчестер Сити:
-Давид ми кажа пред некое време дека неговата намера е да игра во Сити 10 години и потоа да го заврши поглавјето таму. Еден ден од него добивам едни информации, друг ден други информации. Јас би сакал да остане во Европа, но до завршувањето на трансфер периодот, ќе видиме. Можам да потврдам дека ја сака италијанската лига и би уживал играјќи таму. Сметам дека може да игра до 40-та година, изјави таткото на „магионичарот“ за шпанските медиуми.
Тој потврди дека има повеќе понуди на масата за услугите на неговиот син, но онаа на Лацио се чини како најпрималива од фудбалски аспект.