Богдановиќ им ги скрати крилјата на Пеликаните, највисоки 35 поени во неговата НБА кариера – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/20 12:38 PM

Богдановиќ им ги скрати крилјата на Пеликаните, највисоки 35 поени во неговата НБА кариера

Големината на играчите се состои во менталниот и физичкиот капацитет за издигнување после лош ден, лоша партија. Богдановиќ на последниот меч во НБА „меурот“ пред овој со Пеликанс, имаше еден погоден шут од петнаесет обиди во игра и одигра навистина слаба партија, некарактеристична за кошаркар од тој калибар.

Богдановиќ веќе на следниот натпревар, оној вчерашниот против Њу Орлеанс Пеликанс, постигна 35 поени, највисоки за него во НБА кариерата и беше број еден играч на Кралевите во победата од 140:125.

Oд овие 35, поранешниот кошаркар на Партизан и Фенербахче постигна 19 во првата четвртина. Кингси во почетните 12 минути од мечот забележаа дури 49 поени, што претставува рекорд на франшизата.

Дури шестпати Богдановиќ беше прецизен од линијата за три поени, од девет обиди, а целокупната шутерска вечер статистички изгледаше 13/20.

Неговиот сонародник Немања Бјелица постигна 11 поени, четири скокови, три асистенции и една украдена топка.

На другата страна, од европските играчи Николо Мели постигна четири поени, четири скокови и две асистенции за 15 минути на паркетот. Зион Вилијамсон беше најдобриот играч кај Пеликаните, забележувајќи 24 поени.

Ова е првата победа на Кингси по рестартот на НБА сезоната. Следниот нивен меч ќе биде вечерва против Бруклин, додека пак Њу Орлеанс се соочува со индиспонираните Вашингтон Визардс.