Либанските безбедносни сили синоќа истрелале солзавец кон антивладините демонстранти во Бејрут, кои се собрале да протестираат поради страшната експлозија во која загинаа околу 150 луѓе, а повеќе од 5.000 се повредени.
Либански државни медиуми пренесуваат дека неколку луѓе се повредени во текот на протестот во близина на зградата на парламентот. Демонстрантите запалиле помали пожари и со камења ги гаѓале припадниците на безбедносните сили, пренесува „Гардијан“.
Либанската државна новинска агенција пренесува дека 16 лица се приведени во рамки на истрагата за експлозијата.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој го посети Бејрут, истакна дека во Либан е потребно да се направат длабоки промени од власта.Тој повика и на меѓународна истрага за катастрофата.