Ситуацијата во клубот од северен Лондон никогаш не мирува. Еден ден се освојува ФА Куп, друг ден 55 вработени во клубот не добиваат плата, трет ден на 32 годишниот Вилиан му се нуди тригодишен договор, а веќе следниот најдобриот фудбалер потпишува нов договор. Тоа е приказната на Арсенал во последните години.
Најновите вести кои доаѓаат од таборот на „топџиите“ велат дека убедливо најквалитетниот играч на Арсенал, Пјер Емерик Обамејанг, сепак ќе ја продолжи верноста со клубот и нема да ја промени средината ова лето.
Договорот на Габонецот му истекува следната година и постоеше сериозна опасност Арсенал да го загуби како слободен играч, или пак да го продаде ова лето за многу помала цена од онаа колку што навистина вреди. Англиските медиуми известуваат дека Обамејанг и следната сезона ќе го носи дресот на освојувачите на ФА Купот и ќе се обиде со Микел Артета да го надмине осмото место во Премиер Лига сезоната и да ја освои Европа Лигата.


