Молина е трагичарот на Гетафе, Копенхаген го елиминираше турскиот шампион – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/20 4:45 PM

Молина е трагичарот на Гетафе, Копенхаген го елиминираше турскиот шампион

Првите четири дуели од осминафиналето во Европа Лигата ни пружија вистинско освежување, голови и доволна возбуда по рестартирањето на натпреварувањето.

Копенхаген успеа да го надополни недостатокот од еден гол од Турција и убедливо да го победи турскиот шампион Истанбул Башакшекир. Уште во четвртата минута напаѓачот на Данците, Јонас Винд,го отвори резултатот по асистенцијата на поранешниот дефанзивец на Манчестер Јунајтед, Гилермо Варела.

Винд од белата точка го зголеми водството на почетокот на второто полувреме, а десеттина минута подоцна му асистираше на Расмус Фалк при постигнувањето на третиот и последен гол за Копенхаген на мечот, кој во четвртфиналето оди на мегдан на Манчестер Јунајтед.

Екипата на Оле Гунар Солскјер практично со вториот состав издвои минимална победа од 2:1 против ЛАСК. Сите три голови на натпреварот беа постигнати во второто полувреме. Дефанзивецот на гостите го постигна можеби и најубавиот гол во овој дел од нокаут фазата, совладувајќи го Ромеро, но домаќините преку Лингард и Марсија успеаа да го свртат резултатот во нивна полза. Ветеранот Мата во двата наврати беше асистент.

Украинскиот претставник Шахтјор, на стадионот на најголемиот ривал Динамо Киев, уште еднаш го „растури“ Волфсбург. Во растојание од четири минути и на крајот од натпреварот, условно речено домаќините го скршија отпорот на Германците преку двата погодоци на Мораес и Соломон. Претходно, дефанзивецот на Шахтјор, Давит Кочолава заработи директен црвен картон, а две минути потоа и дефанзивецот на противниците, Џон Брукс, заработи втор жолт картон и исклучување.

Мечот на вчерашниот ден, несомнено се одигра во Гелзенкирхен, на стадионот на Шалке 04. Гетафе, кој до паузата предизвикана од пандемијата на коронавирусот играше одличен и ефективен фудбал и во шпанска Примера се бореше за позициите кои водат до Лигата на шампионите, а по проодлжувањето на фудбалската сезона забележа само една победа во 12 компетитивни натпревари, дуелот со италијанскиот гигант го започна навистина добро. Одличните реакции на Самир Хандановиќ го спасија Интер од брзо примен гол. Неискористените шанси на Шпанците, тимот на Антонио Конте искусно ги искористи и ја презеде иницијативата во дуелот.

Во 33 минута, Ромелу Лукаку успеа да остане на нозе во дуелот со противничкиот играч и да ја пробие мрежата на Давид Сориа. Играта со рака во шеснаесетникот на Диего Годин, за која контроверзниот Ентони Тејлор се консултираше со ВАР системот, беше санкционирана и екипата на Гетафе доби шанса од белата точка да го изедначи резултатот и да не внесе во возбудлива завршница. Ноншалантниот и потценувачки пристап на искусниот Хорхе Молина, кој изведе пенал недостоен за сериозен европски меч, резултираше со промашен цел гол и скапоцено испуштена прилика на малиот тим од предградието на Мадрид.

Старото добро правило уште еднаш се покажа во пракса, кога во  83 минута оспорованиот Кристијан Ериксен само го потврди резултатот и пласманот на Интер во четвртфиналето. Интер таму ќе се сретне со подобриот од дуелот Баер Леверкузен и Глазгов Ренџерс.

Таму Леверкузен има предност од два гола пред реваншот на домашен терен денес.

На денешното фудбалско мени, покрај Леверкузен и Ренџерс место ќе заземат и Севиља и Рома, Базел и Ајнтрахт Франкфурт и Волвс и Олимпијакос.