Не е точно дека како Влада веќе сме го утврдиле прагот за прогресивниот данок на 1.000 евра, тоа ќе го одлучиме заедно со граѓаните. Премиерот Заев вака одговори на драфт верзијата на законот за даночни реформи што протече во јавноста, и во која сумата од 60 илјади денари е наведена како лимит над кој сите што заработуваат повеќе, за тој дел би плаќале стапка од 18 отсто. Тој смета дека некој претходно ја индуцира дебатата, иако, вели, медиумите имаат право на тоа. Не сакаме таа дебата да ја отвораме во време кога очите на граѓаните се вперени кон други многу важни работи за земјава, туку кога ќе дојде вистинското време, демократски и транспарентно. Имаме и доволно време, ако се донесат, законите нема да се применуват пред стартот на идната година.
„И не е точно тврдењето дека Владата има утврдено до 1.000 евра да се плаќа како и досега данок од 10 отсто, а над 1000 евра да се плаќа поголем данок. Не, дебатата ќе го одлучи тоа, буквално ќе ги измерите сите податоци и така ќе ја донесеме одлуката. Но, правбедното оданочување е нешто што е фер во секоја земја, ние сме левичари и ред е сите граѓани, кои имаат поголеми приходи, над 1.500, 2.000, 3.000, 5.000 евра, да платата повеќе. Дај боже сите да имаме повеќе за да и платиме повеќе данок на државата“, вели премиерот Заев.
Бизнис секторот засега е воздржан за даночните промени, и тие се уште анализираат.
„Ги следиме случувањата и разговараме со експерти, правиме анализи, кога ќе имаме став, ќе бидете известени“, вели Зарков.
Не е тајна дека во Владата има две струи околу прагот, едната која се залага за 1.000 евра, а другата за повисок за тој да не е дестимулативен.
Во работните верзии што проструија во јавноста беше наведено и дека за доходот од интелектуална сопственост, закуп и подзакуп, капитални добивки, игри на среќа и осигурување ќе се плаќа данок по единствена стапка од 15 отсто. Една од промените е и дека граѓаните ќе плаќаат данок на каматите од своите заштеди во банките, ако нивната добивката е над 15.000 денари годишно, но од 2020 година.
Од Финансии овие наводи ги нарекоа шпекулации и нагласија дека реформите што ќе се донесат ќе бидат во интерес на граѓаните.
Превземено од: Телма