Дербито на западен Лондон, овојпат на „Вембли“ и вредно повеќе од 100 милиони фунти и промоција во Премиер Лигата, припадна на екипата од „Кревин Котиџ“.
Фулам по продолженијата на регуларниот дел успеа да го совлада Брентфорд со 2:1 и експресно да се врати во најдобрата лига во светот, откако лани како последно пласиран испадна во Чемпионшип.
Да се потсетиме, во полуфиналето Брентфод го елиминираше Свонси, а Фулам другиот велшки претставник, Кардиф.
Впечатокот е јасен, Фулам повеќе ја сакаше победата и се исправи пред предизвикот, додека пак Брентфорд, исто како и во последните кола од регуларниот дел на Чемпиошип, се исплаши од можноста да заигра во Премиер Лигата после толку години пауза. Шансата да се пласираат директно како втори, веднаш позади Лидс на Марсело Биелса, ја пропуштија на мечевите со Стоук и Барнсли во кои беа изразити фаворити. Втората заслужено заработена шанса, сепак уште еднаш ја испуштија од свои раце.
Момците на Томас Франк изгледаа непрепознатливо, без течната и напаѓачка игра која ги красеше во текот на сезоната, недоволно конкретни и бледи. Од другата страна, Фулам без најдобриот стрелец во тимот и генерално во Чемпиошип, Александар Митровиќ, го стартуваа финалето и мирно и трпеливо ги чекаа своите шанси.
И конечно ги дочекаа. Во продолжението видовме повеќе возбудувања отколку во регуларниот, би рекле и досаден и неинтересен дел. Во голема мера поради тактичките надмудрувања и резервираноста поради големиот влог, финалето не им пружи на фановите доволен квалитет. Но, во продолженијата од двапати по 15 минути, приказната беше поинаква.
Поранешниот фудбалер на Челзи, Тотенхем и токму Фулам, Скот Паркер, го направи потегот на неговата тренерска кариера, втурнувајќи го левиот бек Џо Брајан во фазата на нападот во продолженијата, во обид да го искористи просторот на таа страна кој фудбалерите на Брентфорд свесно или несвесно го оставаа.
Чудната реакција на голманот на Брентфорд, Давид Раја, односно непотребното излегување од својот простор и играњето со глава кое им направи дополнителни проблеми на дефанзивците, резултираше со направен фаул врз фудбалерите на Фулам. И кога сите мислеа дека Џо Брајан од голема оддалеченост ќе центрира во противничкиот простор, тој ги изненади сите, а најмногу голманот Раја, фаќајќи го на „крива нога“ и постигнувајќи важен гол за 1:0.
Несфатливиот кикс на шпанскиот чувар на мрежата го „скрши“ мечот. Асистенцијата на Митровиќ на три минути до крајот на продолжението до Џо Брајан и неговата езгекуција во стил на одличен напаѓач, му донесе на Фулам водство од два голови и победа во големото финале. Данецот Далсгард во 124 минута само го ублажи поразот на „пчелите“ и веднаш по тој погодок судијата Мартин Еткисон означи крај.
Брентфорд рекорден деветти пат губи финале вредно промоција во Премиер Лигата и следната сезона повторно ќе игра во втората по квалитет англиска фудбалска лига. Од неутрален аспект, симпатичниот тим од западен Лондон и неговиот начин и методи на работи, заслужи награда за таквото функционирање и стилот кој го негуваат, но фудбалот е суров и победници се оние кои чиј резултат на семафорот покажува гол повеќе.
Фулам од сенка, со многу прашалници за тренерот Скот Паркер и со многу работа, ги демантираше сите и поприлично неочекувано и инстантно се врати во елитата. Останува да видиме дали ќе ги повторат грешките од промоцијата пред две години, кога потрошија од ракав 100 милиони евра за засилувања и беа убедливо најслаб тим во лигата, или рационално ќе ги искористат средствата и ќе направат коректен ростер, достоен за борба со најсилните.