Охридските анегдоти инспирација за музиката на бендот „Броз“ – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/20 9:00 AM

Охридските анегдоти инспирација за музиката на бендот „Броз“

Благодарение на младите ентузијасти кои се појавуваат како нови музички имиња на македонската сцена, се добива впечаток дека ќе се успее да се задржи епитетот на исклучително талентирана музичка нација. Во неколку наврати разговаравме со поединци кои го гарнираат „ подмладокот “ на сцената, а и овој пат приготвивме интервју со креативци кои по пат на нивната природност ќе ја  освојат публиката. Охридските анегдоти преточени во музика од Владимир, Климе, Александар, Христијан и Јане го прават комплетно бендот „ Броз“ , кој веќе втора година професионално плови низ музичките води. Деновиве беше промовирана нивната најнова песна комплетирана со видео-спот, заедно со „ Ансамбл Билјана“, „Боемска“. Запознавањето со приказната на бендот го направивме преку разговор со Климент Наневски:

Од локален бенд „ од подрум “,  до миленици на градот. Охриѓани се веќе навикнати на звукот кој што го носите во ритамот на забавата, но за пошироката јавност која е приказната зад „ Броз“ ?

-Мислам дека нема да погрешам ако кажам дека приказната зад Броз е сосема спонтана приказна на пет млади момци со прилично различни афинитети, како и во музиката, така и во животот. Најпрвин, пред неколку години јас и Владимир започнавме да свириме како дуо, потоа ни се придружи Александар, па Христијан, па Јане, за денес да сме како што велат, “миленици на градот”. Да бидам искрен, не се трудиме премногу некому да се допаднеме, туку се однесуваме сосема природно, колку и тоа да звучи клише. Можеби токму таа природност и таа различност во нашите музички вкусови ја кројат “тајната” зад Броз.

Ја освоивте публиката уште со првиот сингл и видео за „ Каде ми си ти“ .Сепак, тука настанува интересна спојка со „ Ансамбл Билјана“ , кои пак, за разлика од вас ги негуваат чалгиските тонови. Како се случи оваа соработка која трае и на вашата последна песна „ Боемска“ ?

– Два фактори беа клучни за нашата музичка соработка. Прв и најголем фактор е нашето другарство, а втор – слободата и желбата да пливаме во различни музички води. Чудна и широка  убавина е музиката, па затоа не гледам поента во тоа да се биде нејзин заробеник. За среќа сметам дека на време сфатиме дека во секој нејзин правец лежи посебна магија.
За успешноста на песните, сметам дека најрелевантен показател е публиката. “Каде ми си ти”, според мене, помина на тестот  токму поради енергијата која ја пренесува на нашите свирки. Се надеваме дека истиот случај ќе биде и со “Боемска”.

Дефинитивно освојувате и со видео- спотовите кои се автентични за Охрид, а истовремено збогатени со анегдоти и препознатливости за градот. Кој е „ мозокот“ на целиот готов производ?

– Охрид како град – сведок на времето, сам по себе е инспирација.  Кој ќе успее да погледне само малку подобро кон езерскиот хоризонт, тој ќе го најде и изворот на инспирација. Сите наши досегашни песни, и објавените, и оние кои чекаат во фиока, во нив имаат барем некој траг од градот во кој живееме. Тоа е нешто од кое што и да сакаме – не можеме да избегаме. Во подготовка на спотовите учествуваме секој со своја идеа, меѓутоа идеите би бдееле празни без успешна реализација. Во случајот со “Биди тука” и “Боемска” за тоа се погрижи Јован Куциноски –Motion Emotion studio.

„ Боемска“ е веќе трета песна, кој се идните планови ?

– Сложената ситуација која ја живееме моментално, не ни дава можност најобјективно да зборуваме за идни планови. Можам само да кажам дека имаме прилично голем број на песни кои ја чекаат својата шанса.

Како млади музички креатори, колкав е предизвикот и воопшто, колку е тешко да се исплива на површина?

– За еден релативно млад бенд, би излажал доколку ви кажам дека е  сосема лесно, меѓутоа ентузијазмот и желбата се посилни од сите пречки кои стојат на патот.

Која е водечката мисла за остварување на сонот?

– Хаха, “остварување на сонот” звучи доста комплексно и длабоко за да одговорам симплифицирано. Но ете, можеби храброста, лудоста, и слободата да се прави она што се сака се клучните работи кон “некакво” остварување на “некаков” сон.

 

 

Кристина Алексиеска