Владата прогласи кризна состојба на јужната и северната граница поради зголемениот наплив на мигранти – ММС
ММС

Објавено на: 08/5/20 2:21 PM

Владата прогласи кризна состојба на јужната и северната граница поради зголемениот наплив на мигранти

На 79-тата седница, согласно заклучокот од седмата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, Владата ја донесе Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на државата заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти и заради постоењето на пандемијата и опасноста од ширењето на КОВИД-19.

– Со оваа одлука се утврдува постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија и тоа на подрачјата на јужната и северната граница на Република Северна Македонија, и се активира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање и кој има задолжение да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Република Северна Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, информира владината прес служба.

Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, а сите органи на државната управа се задолжени да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи.