Не сме за војна, само сакаме да ги заштитиме кошаркарите! – ММС
ММС

Објавено на: 08/5/20 2:26 PM

Не сме за војна, само сакаме да ги заштитиме кошаркарите!

Пандемијата со корона вирусот му создаде проблеми на цел свет, па не можеше да се очекува дека некој во Македонија ќе остане недопрен.

Не се спасија ни спортистите, речиси на сите на планетата им беа намалени платите, во договор со нивните клубови. Сличен беше случајот во Македонија со таа разлика што некои од клубовите одлучија воопшто да не поделат личен доход за периодот кога не се играше кошарка, па и не се тренираше.

Асоцијацијата на кошаркарски играчи неколку пати реагираше во обид да ги заштити играчите, но засега сето тоа е безуспешно. Последниот допис, испратен пред крајот на јули, практично, беше закана до КФСМ и клубовите за преземање поригорозни мерки. Причините за ваквото обраќање ги открива претседателот на Асоцијацијата, Миле Трифуновски.

-Како што објавивме минатиот месец во нашето истражување, најголем дел од кошаркарите немаат плати од своите клубови, според договорите, уште од март. АМС покри дел од тие средства кон одредени спортисти, но тоа е премалку за професионални спортисти кои живеат од кошарката.

Се обидовме да иницираме состанок меѓу играчите, клубовите и Федерацијата, но на него не се појави никој освен ние кошаркарите, директорот на КФСМ Тодор Гечевски и генералниот секретар Владимир Георгиевски. Писмено се обратија само два клуба – Пелистер и Куманово кои посочија дека немаат намера да исплатат средства по основ плати за март, април и мај.

Ова е премногу сериозна тема во овој период за да се игнорира, како од клубовите, така и од останатите субјекти во македонската кошарка. Асоцијацијата на кошаркарски играчи е единствена во рамките на КФСМ која функционира последните месеци и се грижи нејзините членки да излезат од оваа ситуација со колку е можно помали последици, вели Трифуновски.

Во писмото од Асоцијацијата е спомната Федерацијата која во овој случај нема голема моќ бидејќи клубовите се тие што одлучуваат дали и колкава плата ќе поделат. Зошто е заканата кон КФСМ?

-Точно е дека ова е работа на клубовите, но КФСМ како членка на ФИБА, преку своите органи, треба да се грижи за кошаркарите и почитување на нивните договори. Исто така сметам дека КФСМ треба да ги поддржи и почитува препораките дадени од ФИБА, бидејќи сепак нашата Федерацијата е под нивна капа. Ние од КФСМ бараме само конструктивност, односно поддршка во овој случај како медијатор во спорот.

Да потсетам, минатата година, кога требаше да се менува правилото за број на странски кошаркари на терен, имавме три состанока и ние учествувавме и присуствувавме на сите. Бевме конструктивни, сфативме дека е потребно да се смени правилото, макар и на мала штета на домашните играчи, за да им се олесни работата на екипите и тренерите кои вежбаа математика на натпреварите, веројатно и на тренинзите.

Сега кога нам ни е потребна поддршка, никој не сака да застане зад нас, да се одважат преставниците на клубовите и да дојдат на состанок и да го искажат својот став. Ние не бараме ништо повеќе од заштита на кошаркарите, не сакаме војна со никого, туку почитување на договорените обврски. Не поставуваме ултиматуми, подготвени сме на преговори и компромис затоа што знаеме каква е ситуацијата во македонската економија, а со тоа и во клубовите.

Лани направив истражување и дојдов до заклучок дека просечната плата на кошаркарите во Македонија изнесува околу 450 евра по сезона или 360 ако се подели на 12 месеци колку што има една календарска година. Сега замислете дека ова е просек, односно има кошаркари кои заработуваат и по неколку илјади евра месечно. Тоа значи дека има и такви кои се далеку под просекот, дури и воопшто не заработуваат. Како тогаш тие да се грижат за себе, да набават опрема, правилно да се хранат, да се одржуваат себеси во оптимална форма, па и да се лекуваат себе и своите семејства?

Се поголем е бројот на млади кошаркари кои се откажуваат и се вработуваат во некој друг сектор. Дури имаме и младински репрезентативци кои учествувале на Европското првенство претставувајќи ја Македонија, имаат минимални примања. Нема да биде изненадување ако наскоро и тие се откажат од кошарката што ќе биде тешка загуба за овој спорт во земјава, додава Трифуновски.

Во соопштението спомнувате „апел кој е последен пред преземање на драстични мерки за заштита на правата на кошаркарските играчи“. Што значи тоа, какви мерки планирате да преземете?

-Прво, искрено се надевам дека нема да дојде до тоа и дека ќе постигнеме некој вид колективен договор, макар и на две страници затоа што од некаде мора да се почне. Во тоа колективно решение освен актуелната тема за намалување на платите, би требало да вклучиме и некоја норма или стандард во домашното првенство. Условите за тренинг и натпревари да се подобрат, трајно да се реши проблемот со ‘ладни сали’, играчите да имаат пензиско и здраствено осигурување, адекватна опрема, кодекс на однесување итн.

Сè уште не сме одлучиле точно на кој начин ќе реагираме ако повторно бидеме игнорирани. Размислуваме за неколку опции, можно е кошаркарите да штрајкуваат, наскоро треба да почнат подготовките за новата сезона, па евентуално да не се појават на нив или нешто слично. Јас одамна не сум активен играч, па неблагодарно е да кажувам што да прават луѓе кои хранат семејства од кошарката и кои подоцна можат да бидат санкционирани за своите постапки. Ме радува тоа што сите наши членови ја сфаќаат нашата позиција и скоро сите сме едногласни во барањата и ставовите.

Одлуките ќе ги донесеме заеднички со кошаркарите. Сакам само да напомнам дека правиме напор во нашата асоцијација во иднина да ги вклучиме и странските играчи кои настапуваат за клубовите од домашното првенство, бидејќи и тие се дел од македонската кошарка и треба да имаат адекватна заштита, завршува Трифуновски.

 

Преземено од:

www.basketball.mk