Најмалку 100 загинати и повеќе од 4.000 повредени во експлозијата во Бејрут – ММС
ММС

Објавено на: 08/5/20 8:57 AM

Најмалку 100 загинати и повеќе од 4.000 повредени во експлозијата во Бејрут

Бројот на загинати од експлозија што се случи во либанскиот главен град Бејрут постојано се зголемува, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Според информациите што ги објави Црвениот крст на Либан, бројот на загинати од експлозијата се зголеми на 100.

Пожарот кој изби во магацин со експлозиви на пристаништето во Бејрут предизвика експлозија која урна трикатна зграда, самата експлозија се слушнала и во предградијата.

„Повеќе од 4.000 лица се повредени“, соопшти Црвениот крст на Либан.

Многу соседни и регионални земји, вклучувајќи ги Турција, Катар и Либија и понудија помош на Либан по вчерашниот инцидент.

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека експлозијата личи на терористички напад.

– Претседателот посочи на амониум нитрат 

Во објавата на Твитер од страна на либанското претседателство, претседателот Мишел Аун изјави дека амониум нитратот е извор на масивна експлозија, велејќи дека тоа што се чувале 2,750 тони на хемиско соединение без безбедносни мерки е неприфатливо. Тој нагласи дека оние кои што се одговорни ќе бидат казнети на најстрог можен начин.

Во меѓувреме, либанските власти го прогласија Бејрут за „област на катастрофа“ како резултат на инцидентот.

Врховниот совет за одбрана на Либан прогласи вонредна состојба две недели во Бејрут.

Меѓу другите одлуки донесени од страна на советот се дека ќе се распределат средства во болниците за да се покријат трошоците на повредените, ќе се плати надоместок на семејствата на оние кои ги загубија животите и ќе се обезбеди пченица по оштетувањето на силосите со пченица.

Формиран е и истражен комитет кој ќе подготви извештај за експлозијата во рок од пет дена.

Генералниот секретар на Либанскиот Црвен крст, Џорџ Кетанех, рече дека 75 амбулантни возила и 375 екипи за прва помош продолжуваат да им помагаат на жртвите.

Поранешниот премиер Саад Харири – кој живее во близина на областа на експлозијата  според првичните извештаи се вели дека е неповреден. Сепак, околните згради, вклучително и резиденцијата на Харири и Меѓународниот аеродром Рафик ал Харири, претрпеа голема штета.

Луѓето се заглавени под остатоците, додека спасувачите се обидуваат да стигнат до нив.

Гувернерот на Бејрут, Марван Абуд, со солзи зборуваше пред новинарите на местото на експлозијата и ја спореди експлозијата со грозоморните нуклеарни бомбашки напади во 1945 година во јапонските градови Хирошима и Нагасаки во кои веднаш беа убиени стотици илјади луѓе.

Амбасадорот на Казахстан во Бејрут е повреден, а зградата на амбасадата е оштетена, се вели во соопштението.

Исто така, Назар Наџариан, лидерот на либанската партија Катаеб, им подлегна на повредите добиени за време на експлозијата.

Експлозијата се случи во чувствително време, неколку дена пред Специјалниот трибунал на ОН за Либан да ја објави својата пресуда за случајот со атентатот врз поранешниот либански премиер Рафик Харири.

Подоцна истиот ден, извори блиски до Хезболах ги негираа тврдењата дека експлозијата е напад на Израел врз складиштата со оружје.

Израелските власти, кои разговараа со локалните медиуми под услов на анонимност, негираа вмешаност на Израел во инцидентот, велејќи дека експлозијата може да биде несреќа.

Економијата на Либан во моментов се соочува со својата најлоша криза со децении.