Магијата на фестивалот „Охридско лето” после синоќешното свечено отворање со прекрасниот настап на уметниците Марија Јелиќ, Дарио Ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ во пијано придружба на маестро Миливое Велиќ, продолжува вечерва, со драмскиот дел од програмата.
На сцената во предворјето на Света Софија ќе се игра претставата „Сестрите Прозорови”, работена според мотиви од текст на Чехов, а во изведба на актерите од Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот” од Велес.
Станува збор за коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, во кој се третира „Случајот” на сестрите Прозорови, инспириран од ужасот кој се случувал од 1946 до 1958 година во Алабама, САД.
Хенри Т. Џонс, по самоубиството на неговата сопруга Мелани, извршено со истрел од пиштол во глава, ги затворил своите 3 ќерки – Тара 11 години, Мери 7 години и Ирма 4 години во подрумот од својата куќа. Пријавуваќи ги пред надлежните органи за исчезнати, дал исказ дека е возможно нивната мајка да ги убила пред да се самоубие и ги сокрила телата. Алибито успешно го спроведувал полни 12 години. Тој ги држел затворени во подрум во својата куќа се до својата ненадејна смрт во сообраќајна несреќа во 1958 година, излетувајќи со автомобилот во провалија.
Тогаш, при увид во домот на несреќно загинатот Хенри, полицијата ги пронашла трите одамна исчезнати сестри. Кога излегле од подрумот, Тара имала 23 години, Мери 19, а Ирма 16. Се претставиле како Олга, Маша и Ирина Прозорови, ќерки на покојниот полковник Прозоров. Спиеле на земјен под, биле врзани со метални синџири фиксирани на подрумските ѕидови кои им го ограничувале движењето, вршеле физиолошки потреби во истата подрумска просторија. Татко им ги бањал со црево, фрлајќи им еден сапун.
Покрај храна, вода и оскудната облека, единствена работа која ја имале кога биле пронајдени, била пиесата на Чехов „Три Сестри” .
Тука почнува случајот на „Сестрите Прозорови”…
Улогите во претставата ги толкуваат Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски.
Почетокот на претставата е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, со забелешка дека претставата не е препорачлива за лица помлади од 16 години.
МИА