Легендарниот Икер Касиљас заминува во пензија – ММС
ММС

Објавено на: 08/4/20 1:35 PM

Легендарниот Икер Касиљас заминува во пензија

Пет титули во Ла Лига, четири шпански Супер Купови, три титули во Лигата на Шампионите, два трофеи во Копа Дел Реј, два Супер Купа, двапати европски шампион со репрезентацијата на Шпанија, двапати освојувач на Интерконтиненталниот Куп, светски првак со „црвената фурија“, два трофеи во првата португалска лига со Порто, еден Куп на Португалија со истоимената екипа и еден Супер Куп.

Ова се достигнувањата на еден од најголемите голмани, но и фудбалери во историјата на играта. Иконата на фудбалската игра, Икер Касиљас, ги „обеси копачките на клин“ и стави крај на неговата профеионална пребогата кариера.

Дете на Реал Мадрид и име кое е нераскинливо со историјата на тој клуб и шпанската фудбалска репрезентација. Дебитира во сезоната 1998/99 на местото на Бодо Илгнер и како најмлад голман кој играл финале во Лигата на шампионите, ја победува Валенсија со 3:0 на само 19 години.

Кариерата на Касиљас напредува постепено, во сезоната 2001/02 тој накратко ја губи стартната позиција во тимот од Цезар Санчез, но по финалето против Леверкузен во Лигата на шампионите, Касиљас ја зацврстува позицијата во екипата на мадриѓаните и останува во клубот до 2015 година.

Во 2015 година Касиљас се решава на изненадувачки потег, потпишува за португалски Порто. Против Динамо Киев го забележува 151 настап во ова натпреварување и го изедначува рекордот на неговиот колега од репрезентацијата, Чави Ернандез.

Касиљас го надминува тој рекорд и станува играч со најмногу настапи во најелитното клупско натпреварување со 177 појавувања на терените низ Европа, повеќе од било кој фудбалер во историјата на Лигата на шампионите.

На еден од тренинзите во тренинг центарот на Порто, Касиљас лани претрпува срцев удар и веднаш е пренесен во болница. За среќа, неговата здравствена состојба беше стабилна и немаше никакви дополнителни последици.

Икер Касиљас со сигурност ќе биде врежан во аналите на фудбалот како еден од најдекорираните и еден од највлијателните голмани и играчи кои воопшто се појавиле.