Во целост ја подржувам рекацијата на колегите по повод изјавата на Претседателот Пендаровски, напиша на својот Фејсбук профил обвинителката Ленче Ристоска.
-Кога Претседател на држава дава генерализирана квалификација дека цела институција, алудирајќи на Специјалното јавно обвинитество, станала дел од организираниот криминал тој не само што изнесува невистини и клевети кои засегаат во кредибилитетот на сите кои работеле во Специјалното јавно обвинителство и на нивната работа, не само што го прекршува уставното начело на пресумпција на невиност (сеуште нема правосилна пресуда за никој од тоа обвинителство која упатува на инволвираност во организиран криминал), туку и од позиција на авторитет влијае на креирање на перцепцијата и јавното мислење за причините поради кои повеќе не постои Специјалното јавно обвинителство, вели Ристоска и додава:
„Нема да навлегувам во дебатите кои се водеа помеѓу сите клучни чинители за носење на новиот закон за Јавно обвинителство, нема да го елаборирам моето мислење за новиот Закон за јавно обвинителство, нема да го коментирам начинот на кој СЈО згасна, но ќе кажам дека СЈО не се распадна затоа што стана дел од организиран криминал и граѓаните можеби се разочарани од она што се случи со специјалната јавна обвинителка, но не се и не беа разочарани од СЈО како институција. Затоа повикот за извинување и повлекување на изјавата го толкувам како повик за признавање на грешката и преземање на одговорност, за на други претставници на државните органи да не им падне на памет да го користат СЈО како боксерска вреќа секогаш кога системот и општествените чинители ќе потфрлат во борбата за правда. Мартин Лутер Кинг кажал дека нашите животи почнуваат да завршуваат со денот кога ќе почнеме да молчиме за работите кои се важни, затоа браво за колегите“.
Реакцијата на Ристоска доаѓа откако поранешни вработени во СЈО денеска преку соопштение реагираа на говорот на претседателот Стево Пендаровски по повод чествувањето на Илинден од меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.
Пендаровски во Пелинце рече:
„Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал…“.