Сѐ е спремно за реализација на Охридско лето – вели портпаролката на овој фестивал, Сузана Вренцовска во пресрет на утрешното свечено отворање. Во изјава за Македонскиот медиа сервис таа истакнува дека годинава јубилејната фестивалска програма ќе понуди, како што оценува, врвни настани на музичката и театарската уметност. Поради актуелната пандемија со коронавирусот фестивалското издание овојпат ќе трае 27 дена, но Вренцовска и’ порачува на публиката дека ќе може да проследи квалитетни настапи на кои ќе бидат негувани врвни уметнички вредности.
„На отворените сцени – Антички театар, Долни Сарај, Предворје Света Софија, од 4 до 30 август ќе пречекаме околу 300 уметници од 19 земји, Србија, Италија, Хрватска, Велика Британија, Турција, Франција, Русија, Грција, Германија, САД, Босна и Херцеговина, Полска, Словенија, Косово, Чешка, Албанија и секако најголем број уметници се од Република Северна Македонија. Посебно сме горди што оваа година приоритет им дадовме на нашите македонски уметници, оркестри, театарски куќи. Тоа секако е доказ дека токму тие се столбот на нашата уметничка вредност. Утре на Античкиот театар на Свеченото отворање кое по традиција е посебно уметничко доживување, започнуваме со грандиозен проект, концерт на арии насловен како Вокални бисери – по стапките на Ана Липша Тофовиќ посветен токму на основоположникот на Охридско лето, во изведба на светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ“, изјави Вренцовска за ММС за чии читатели поконкретно открива и кои се ексклузивните имиња што ќе настапат:
„Во музичкиот дел од програмата има многу ексклузивни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ- САД, Фукио саксофон квартет од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, Масимо Мерчели флејта-Италија, мецо сопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет од Германија, Ариан Баке обоа Франција, Дуо Солипс…Несекојдневен настан е концертот за четири клавири и оркестар кој ни доаѓа од Чешка, од македонската сцена Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл Про Арс со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин, гала оперска вечер под раководство на диригентката Бисера Чадловска како и женскиот балетски ансамбл и оркестар од НОБ, вечер на Музичка Младина со камерниот оркестар Саша Николовски Ѓумар, вечер со музиката на македонскиот композитор Томе Манчев (каде ќе настапат Весна Анѓеловска, Маја Шутевска, Љубиша Кировски, Марјан Милошевски, Горан Начевски, Елена Атанасовска, Антоние Весковски)“.
Што се однесува до драмската програма, претставите се исклучиво од домашните театарски куќи.
На програмата се претставите „Сестрите прозорови” по мотиви на „Три сестри” од Чехов коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев во изведба на Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот” Велес, Драмски театар ја носи претставата „Чудесна терапија” по текст на Даниел Глатауер во режија на Димче Николовски, „Човек, ѕвер и доблест” од Луиџи Пирандело, во режија на Егон Савин – Театар Комедија. Понатаму, премиерата „Полковникот Птица” од Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски во изведба на НУ Гостиварски театар, преставата за деца на Театар за деца и младинци „Јованче и Марика” од браќата Грим, во режија на Давор Драгојевиќ. Фестивалот свечено ќе биде затворен со преставата „Бог на масакрот” од Јасмина Реза во режија на Билге Емин на НУ Турски Театар, Скопје кој годинава слави седумдесетгодишен јубилеј – потенцира портпаролката.
Таа уверува дека ќе бидат испочитувани сите протоколи за заштита од коронавирусот:
„Навремено подготвивме протокол според кој строго се утврдени правилата за заштита, претходно дадени од Комисијата за заразни болести. Задолжително ќе биде носењето на лична заштита на лицето на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организацијата, строго ќе се запазува физичкото растојание од два метри на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, ќе се врши дезинфекција на раце на влез пред настан, ќе се мери температура на влез на секој посетител. Вратите на Античкиот театар за Свеченото отворање ќе бидат отворени од 19 часот што значи доволно време за да не се создава метеж“.
„Ќе се изврши целосна дезинфекција на просторот пред и после настан. Продолжено ќе биде времето за влез на публика и за останатите настани. Исто така безбедносни мерки ќе бидат преземени и за заштита на уметниците од времето на нивното доаѓање па сѐ до нивното заминување. Тоа подразбира дека ќе се почитуваат препораките како за нивниот престој така и за нивниот настап. Според препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести, а со цел беспрекорна заштита оваа година Охридско лето настаните ги реализира на отворен простор. На Античкиот театар од вкупниот капацитет од 1700 места ќе се намали на 400 односно гостите ќе бидат распоредени на 2 метри растојание на секој втор ред од гледалиштето. Социјална дистанца ќе се запазува и на сите настани кои се дел од програмата“, открива таа.
Одговарајќи на нашето прашање како течат подготовките во пресрет на утрешното отворање, Вренцовска потенцира дека сцената на Античкиот театар технички е опремена со најсовремена аудио, светлосна и видео опрема.
Уметниците се веќе пристигнати и вечерва е генералната проба за концертот кој утре ќе приреди ретко доживување за љубителите на уметноста – додава таа.