) Триесетина активисти на Граѓанска иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ и граѓани од околните населби, од пладне го блокираа пристапот на камионите кои носат отпад на регионалната депонија. Тие со жив штит застанаа на локалниот пат од Дона Бањица кон месноста Русино и најавија дека блокадата ќе трае наредниве десетина денови
Активистите денес по поставувањето на блокадата ги истакнаа и барањата кои доколку се исполнат ќе ги прекинат блокадите.
– Со оглед дека локалната власт не ги зеде предвид нашите барања и по извесен период се решивме на овој чекор. Нашите барања се три: да се запре горењето на ѓубриштето Русино кое сè уште гори, тлее и чади; да се стават камери и обезбедување со што ќе се спречат или идентификуваат подметнувачи на пожарите и општината да побара помош до надлежните институции за санација и затворање на ѓубриштето Русино и одредување нова локација и изградба на регионална депонија согласно ЕУ стандардите, изјави Десо Матески од Граѓанска иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“
Во близина на рампата која е поставена од порано, активистите имаат направено мини-камп во кој ќе дежураат за да спречат поминување на камиони со отпад. Местото го обезбедува и полицијата.
Матески се пожали дека врз него и други активисти, деновиве се вршеле притисоци за да се откажат од блокадите. Тој бил принуден, како што вели да го пријави во полиција директорот гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ по упатени закани.
Од полицијата потврдија дека Исак Љазами директорот на ЈП Комуналец денес е повикан на разговор во врска со пријава против него и за целосно расчистување на случајот. Тој ги негираше обвинувањата дека се заканувал и тоа го изјавил во разговорот во ОВР Гостивар.
– Пријавата против мене е неоснована и не сум упатил никакви закани. Јас лично ја поддржувам иницијативата сакам овој проблем да се реши. Во разговор со одговорните во полиција побарав да преземат соодветни мерки и да овозможат поминување на камионите на претпријатието кон депонијата и да спречат евентуални инциденти, изјави Љазами по разговорот во ОВР Гостивар.
Состојбата со регионалната депонија Русино во последниве два месеци стана актуелна откако гореше отпадот и граѓаните се жалеа на загаден воздух и лоша миризба. Под притисок на јавноста, локалната власт организираше јавна дебата на која учествуваа и претставници на повеќе државни и локални институции. Повеќето од граѓаните во дискусиите ги критикуваа властите дека недоволно се грижат за здравјето на луѓето и дека наметнуваат решенија кои се штетни и неодржливи на подолг рок. Повеќето беа недвосмислени во барањето, депонијата да се затвори.
Првиот човек на општина Гостивар, Арбен Таравари кажа дека општинските власти веќе презеле чекори.