Илинден 1903–1944: Чичко му, Ефрем, бил познат војвода, тој, Емануел, потпретседател на АСНОМ – ММС
ММС

Објавено на: 08/2/20 6:39 AM

Илинден 1903–1944: Чичко му, Ефрем, бил познат војвода, тој, Емануел, потпретседател на АСНОМ

Револуционерната борба ја почнува меѓу двете светски војни, во 1943 станува член на АНОК, од април 1944 година е во партизани, како интелектуалец, угледен човек и револуционер со стаж, станува потпретседател на АСНОМ, претходно со Ченто одат кај Тито на Вис со цел да побараат поддршка за обединување на трите дела на Македонија, станува и прв министер од Македонија во југословенската Влада, но брзо бил вратен од Белград поради своите ставови од кои никогаш не се откажал Емануел Чучков, кој потекнува од револуционерно семејство, а негов чичко бил војводата Ефрем Чучков, соберец и пријател со Гоце Делчев и Даме Груев

Пишува: Љупчо Шатевски

Илјадници Македонци низ историјата храбро ги положиле своите животи за слобода и за создавање самостојна македонска држава, до која дојдовме во минатиот, 20. век. Ако со првиот Илинден, во 1903, сонот останал неостварен, со вториот Илинден, во 1944 година, македонската држава станува реалност. И покрај тоа што меѓународната политика кон крајот на Втората светска војна и по неа, поделбата на сфери на интереси меѓу големите сили и се’ поизразениот судир капитализам-социјализам, на Македонија не и’ оделе во прилог, многу значајни личности од поновата македонска историја, кои имале клучна улога во формирањето на современета македонска држава, во тие бурни времиња не се откажувале ни од намерата за формирање македонска држава на целата територија на Македонија и обединување на македонскиот народ. За тоа не жалеле ни кариери, некои ни животи, а тоа не треба да се заборава, особено не во вакви времиња, кога и по 75 години живот во слободна и 30 години во целосно самостојна земја, најблаго речено, успеавме да загрозиме некои од придобивките од АСНОМ.

Еден од нив е Емануел – Мане Чучков (1901-1967), револуцинер, потпретседател на АСНОМ, интелектуалец и универзитетски професор, за чиј лик и дело, иако живееше до пред половина век, малку се зборува. Роден е во Штип во познато револуционерно семејство. Негов чичко бил Ефрем Чучков, познат штипски и скопски војвода. И таткото на Емануел бил истакнат член на Револуционерната организација, а во нивната куќа во револуционерно штипско Ново Село се чувале оружје и револуционерна литература.

Член на ММТРО, на АНОК…

Мане Чучков во Штип завршува основно и средно образование, Филозофски факултет во Белград и во Скопје, а по војната докторирал. Како студент, бил член на Македонската младинска тајна револуционерна организација ММТРО. Поради тоа, по дипломирањето долго време бил без работа, а потоа, по налог на тогашниот режим, морал да биде професор во повеќе градови во Србија и во Босна и Херцеговина. До почетокот на војната во 1941, само една година работел во Штип. По фашистичката окупација во 1941 година, бугарските полициски власти, како интелктуалец, угледен човек и внук на војводата Ефрем Чучков, се обиделе да го инструментализираат. Првин станал професор во прилепската гимназија, а потоа и директор на Втората женска гимназија во Скопје. Но, набрзо потоа Бугарите го осомничиле за револуционерна дејност.

Штипско Ново Село од времето на младоста на Емануел

Во есента 1943 година, бил формиран Акциониот народноослободителен комитет на Маке­­донија во кој активен удел имал и Емануел Чучков. Во АНОК, освен Чучков, членувале уште и неговиот сограѓанин Ки­ро Глигоров, Благој Хаџи-Панзов, Лазар Соколов… Еден од најпознатите акти на АНОК бил Приговорот кон Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Приговорот го пишувале Киро Глигоров и Благој Хаџи-Панзов. „Делумно слободен народ не е слободен. Зошто сега, кога Словенците и Хрватите го поставија прашањето за териториите под Италијанците и Германците, ние не го поставуваме прашањето за пиринска и за егејска Македонија. Треба да се искористи меѓуародната ситуација, да не се пропушти шансата за обединување на трите дела“, напишале Глигоров и Хаџи-Панзов. Приговорот бил испратен до највисокото партиско раководство, каде што наишол на критики, особено од Темпо и Добре Радосављевиќ, па АНОК бил распуштен.

Со Ченто кај Тито на островот Вис

Во април 1944 година Чучков заминува во партизани на слободната територија во Кумановско. Еден месец пред тоа, во март 1944, добил долго писмо од својот сограѓанин и сосед во штипско Ново Село, командантот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, Михаило Апостолски, во кое посебен акцент бил ставен на ставовите на АНОК и на Чучков за македонското прашање.

„По прашањето на борбата за обединување на Македонија, можам да ти кажам дека сите ние овде мислиме за обединување на македонскиот народ, исто како и секој чесен Македонец. Ние веруваме и работиме со оваа борба да се изврши обединување на нашиот намачен народ, со што ќе се исполнат неговите вековни идеали. Прашање е само по кој пат тоа ќе се постигне… Затоа, драги Мане, сметам дека е време и ти да дојдеш тука и да доведеш други наши другари, а ти знаеш кои се тие“, му напишал Апостолски на Чучков.

Набрзо по доаѓањето во партизани, Чучков станува потпретседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, како и на потесното тело на Одборот, чиј претседател бил Методија Андонов – Ченто, а секретар Киро Глигоров. Чучков бил избран и во тричлената делегација, заедно со  Ченто и Кирил Петрушевски, која во втората половина на јуни 1944 заминала на островот Вис со задача од Тито да се побара поддршка за прашањето за целосно обединување на Македонија, како желба и на македонската војска и на македонскиот народ. Во записникот од средбата со Тито, што го водел Владимир Бакариќ, останало само кратко запишано дека на Тито прв му се обратил Чучков, кој, откако го поздравил од името на македонскиот народ, на Маршалот му рекол дека Македонците очекуваат да ги решат своите национални права и стремежи.

Голем народен собор и оро на 2 Август 1944 крај Прохор Пчињски

На отворањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година Емануел Чучков имал воведно излагање, а го прочитал и рефератот подготвен од Киро Глигоров „Народно-демократската власт во Македонија, нејзината суштина, организација и задачи“.

Говор на Чучков во Свети Николе (1944), покрај него се Апостолски и Ченто

И како министер во југословенската влада пишувал текстови во весници за македонското прашање

Чучков потоа станува и потретседател на Националниот комитет за ослободување на Југославија, со што почнува неговата активност во Белград, каде, исто така, им останува верен на своите ставови во врска со македонското прашање. Во декември 1944 Чучков станува и член на АВНОЈ. До март 1945 година бил повереник за земјоделство во НКОЈ, а кога се формирала Сојузната влада на чело со Тито, станал првиот Македонец нејзин член како министер за Македонија. И од таа позиција се залагал да се најде решение за обединување на Македонија. За тоа, за тешката положба на Македонците во соседните земји, особено во егејска Македонија, тогаш пишувал и текстови во влијателни и високотиражни југословенски весници. Еве само некои од насловите: „Историјата на Македонија се повторува“ („Политика“), „Словенците и Македонците претстража на јужното словенство“ („Глас“), „Македонија и Македонците“ (Вјесник“)…

Говор на Емануел Чучков во Скопје (1945)

Тоа повеќе не можело да се толерира, па Чучков не бил задржан долго во Белград. Кон крајот на февруари 1946 година се враќа во Македонија, во Скопје. Во 1947 година го основал Заводот за домашни уметнички ракотворби „Македонски фолклор“, потоа бил основач и директор на народниот ансамбл „Танец“, а потоа и професор по економска географија на Економскиот факултет во Скопје каде што работи до својата смрт.

На седница на првата влада на ДФЈ

Еден од ретките настани на кој поопширно се зборуваше за животот и делото на Емануел Чучков беше свечената академија во Штип пред девет години по повод 110-годишнината од неговото раѓање. Историчарот и професор, тогаш и директор на Институтот за национална историја, Тодор Чепреганов, академијата тогаш ја оцени како почеток на еден вид политичка и научна рехабилитација за она што Чучков го направи за Македонија и пред, и во текот, и по Втората светска војна.

„Поради неговите ставови за Македонија, беше вратен од Белград и деградиран. Но неговото големо национално и револуционерно дело ќе остане запишано во македонската историја и е вградено во темелите на современата македонска држава“, истакна академик Блаже Ристовски на академијата по повод 110-годишнината од раѓањето на Емануел Чучков.

ЕФРЕМ ЧУЧКОВ БИЛ СОБОРЕЦ И ПРИЈАТЕЛ СО ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И ДАМЕ ГРУЕВ

Ефрем Чучков (1870-1923) е роден во Штип, во револуционерното Ново Село, каде што го почнал образованието, а го продолжил во Скопје и во Солун. Кратко време работел како учител во родното место. Со Гоце Делчев потоа студирале во Военото училиште во Софија, кое заедно и го напуштиле. Чучков работел како учител во Пехчево и во Мелник, а се враќа во родниот град и оди во илегала од крајот на 1897, година-две по заминувањето на Гоце Делчев и Даме Груев од Штип, каде што биле учители. Со Тодор Лазаров и Мише Развигоров, Ефрем тогаш е организатор на револуционерното движење во Штипско. Во 1902 година на кратко заминува на работа во Ќустендил, каде што јавно бил нападнат од врховисти.

Во 1905 година, заедно со Даме Груев, Мише Развигоров и Атанас Бабата, се членови на Окружното раководство на Скопскиот револуционерен округ. По смртта на Развигоров, Ефрем Чучков, заедно со Тодор Александров, бил окружен војвода во Скопскиот револуционерен округ.

Ефрем Чучков со Гоце Делчев, во среднината е Климент Шапкарев (слика лево); Даме Груев, Мише Развигоров, Ефрем Чучков и Атанас Бабата (слика десно)