На чекањето од четири месеци вчера навечер, или денес наутро, му дојде крај. НБА се врати и тоа со два исклучително квалитетни и интересни натпревари.
Џезерите од Јутa, тимот од каде и впрочем започна ширењето на коронавирусот во НБА (Руди Гобер и Донован Мичел), успеа да направи фантастичен пресврт и од -17 во однос на ривалот, да се врати во игра и да го добие мечот со 106-104. Нападот на Руди Гобер во последните секунди од мечот беше привремено спречен од дефанзивците на Пеликаните и Французинот се најде на линијата за слободни фрлања. Ол-стар центарот ги погоди двата шута и му остави на противникот само шест секунди да организира напад и да се обиде да го изедначи резултатот, или да го оконча мечот со победа.
Другиот ол-стар играч на натпреварот, овојпат од противничката страна, Брендом Инграм, не успеа да погоди тројка во последните секунди и Јута Џез ја отвори пост-корона сезоната во НБА со важна победа.
Гобер мечот го заврши со 14 поени, 12 скокови и три блокови, Инграм беше водечки скорер на опонентот со 23 поени, Џордан Кларксон постигна 23 поени за Џезерите, додека пак Мајк Конли и Донован Мичел имаа по 20 поени.
Од европските кошаркари на мечот, Николо Мели не постигна поени на мечот, поминувајќи 14 минути на паркетот, но забележа три украдени топки и две асистенции.
Другиот натпревар на програмата беше дербито на Лос Анџелес помеѓу Клиперси и Лејкерси. Вистински спектакл на рестартирањето, дуелот на Дејвис и Леброн со Ленард и Џорџ. Судирот на овие две франшизи во Орландо, претставуваше своевидна генерална проба за она што не очекува за релативно кратко време – очекуваното финале на Западната конференција за 2019/20.
„Езерџиите“ одлично го отворија мечот, но иако на терен изгледаа како далеку подиминантна екипа од градскиот ривал, никако не успеаа да се одвојат од Клиперси и да остварат стабилна и недостижна предност.
Покрај резултатот, атрактивните потези на ѕвездите и квалитетната кошарка, дуелот на двата „тешкаши“ изобилуваше си висок интензите и некоја суптилна, или помалку суптилна спортска нетрпеливост и тензија на актерите. И тоа е добро, добро е за НБА, добро е за раѓање на ново ривалство, со оглед на тоа дека Клиперс секогаш биле во сенка на своите соседи.
Егал двобојот на крајот го реши „кралот“. Одличната игра во дефанзива и поените на 13 секудни до истекот на регуларниот тек, му донесе на Лејкерс победа од 103:101 над екипата на Док Риверс.
Сезонава овие две екипи се сретнаа четири пати. Двапати победата ја однесе Лејкерс, двапати Клиперс. Уште еден податок што ни ја илустира силата на овие два колектива и нивната изедначеност.
Џејмс во 48-те минути на своето конто запиша 11 поени, 11 скокови и седум асистенции, додека пак убедлив на листата на стрелци на тимот на Вогел беше Ентони Дејвис со 34 поени.
Кај „мрежичките“ Пол Џорџ уфрли 30 поени, а Ленард го следеше со 28 поени. Од европските кошаркари на дуелот, хрватскиот репрезентативец Ивица Зубац постигна два поени и три скокови за 15 минути поминати на теренот.
Оваа победа го помести Леброн Џејмс на вечната листа на остварени победи во регуларниот дел од сезоната (837), поминувајќи ја легендата Кобри Брајант и Клифорд Робинсон.
-Сакам кога ја имам топката во моите раце кога мечот е изедначен. Имавме „three-point game“ на 40 секунди до истекот на времето, Дени Грин шутна и промаши, Пол Џорџ во следниот напад погоди тројка и го изедначи повторно мечот. За мене, важно е да си агресивен. Во нападот почувствува дека со лактот го поткачив Маркус Морис, судијата не се огласи и како што бев учен како дете, додека не свирне свирчето, играта продолжува. Јас продолжив со игра, го проследив шутот и ја ставив топката во обрачот, изјави Леброн после натпреварот.
Џејмс додаде дека огромна желба му е да го донесе „златото“ во Лос Анџелес и да го израдува помасовниот жолт дел на градот.