Сите правни лица кои ќе донираат преку платформата Solidarnost.gov.mk ќе можат да остварат даночно олеснување преку Управата за јавни приходи (УЈП) и ќе имаат олеснета постапка за ослободување, односно нема да им биде потребна постапка во Министерството за правда која ќе потврди дека остварената донација е од јавен интерес.
Ова го овозможува уредбата со законска сила која ја донесе Владата, според која сите донации во финансиски средства, добра или услуги со цел да се решат состојбите предизвикани од коронавирусот КОВИД-19, автоматски се сметаат за јавен интерес. Министерството за правда, воедно, подготви уредба која предвидува дека донаторите не треба повеќе да поднесуваат барање за потврдување на јавен интерес до Министерството за правда, што, пак, значи и дека донаторите за да остварат даночно олеснување за овој вид на донации, не треба повеќе да доставуваат копија од решение на Министерството за правда за потврден јавен интерес на донацијата до УЈП, како што беше досега.
По завршената донација преку платформата Solidarnost.gov.mk, на давателот на донацијата му се генерира автоматски електронски договор за извршената донација кој понатаму може да се искористи како потврда за целите на даночното поттикнување, данокот на личен доход и данокот на добивка. Всушност, договорот се склучува помеѓу имателот на платежната картичка со која е остварена донацијата и солидарниот фонд во кој тој донира и тој претставува валиден документ кој ќе му послужи на давателот на донацијата како доказ пред даночните власти да ги оствари даночните поттикнувања, и тоа пред Министерството за финансии (за поврат на ДДВ-то) и пред УЈП (за даночното поттикнување кај данокот на личен доход и кај данокот на добивка).
Правните лица за да го остварат своето даночно олеснување, до УЈП треба да поднесат даночен биланс, заедно со приложен договор за донација кој ќе го добијат во електронска форма преку Solidarnost.gov.mk, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплатени средства. Оваа документација треба да се поднесе најдоцна до 31 јануари во годината која следи по годината кога се уплатени средствата. Сета документација може да се достави по електронски пат, односно преку системот на УЈП, а пак примателот на донацијата, до 31 декември 2020 година, исто така има обврска со УЈП да достави извештај за примени донации, со што на донаторите ќе им се олесни постапката за остварување на даночното поттикнување.
Преку веб-платформата Solidarnost.gov.mk, како и на веб-страниците koronavirus.gov.mk и „Отворени финансии“, и јавно може да се погледнат податоците за реализација на донации дадени во фондовите на Министерството за здравство и Солидарниот фонд при Владата. Своја поддршка досега дале повеќе од 130 компании во вкупна вредност од околу 215 милиони денари во финансиски средства и речиси 64 милиони денари во најразлична нефинансиска помош, почнувајќи од медицински апарати и друг потрошен материјал, па сѐ до различни услуги и медицинска апаратура.