Како луѓето, така и животните може да доживеат стрес или да бидат анксиозни, меѓутоа понекогаш тоа е тешко да се открие. Ветеринарите посочуваат кои се најчестите знаци што упатуваат на тоа дека вашето куче или маче е под стрес. Да се грижите добро за вашиот домашен миленик, значи да внимавате на неговото здравје. Во продолжение прочитајте кои се знаците за тоа дека тој помина низ стресен период.
Домашните миленици кои се под стрес може претерано да се негуваат
Ветеринарката Кери Џонсон вели дека кучињата и мачките понекогаш претерано се негуваат самите себе ако се под стрес, или се анксиозни.
„Тие не знаат што друго да прават да се ослободат од стресот, па мораат некако да се смират“, изјавила Џонсон додавајќи дека во тој случај кучињата обично си ги лижат предните нозе. Сепак, прекумерната нега може да предизвика инфекција поради иритација.
Мачките и кучињата понекогаш си ги лижат устата и носот кога се вознемирени
Иако домашните миленици често го користат јазикот за да го истражат светот околу себе, ветеринарката Џонсон објаснила дека претераното лижење на носот или делот околу устата може да биде знак за неволја.
„Домашните миленици ќе си го лижат носот или делот околу устата кога се нервозни и анксиозни. Меѓутоа, мачките и кучињата и нормално се однесуваат така, па тоа не може лесно да се протолкува како стрес“, истакнала Џонсон.
Ако вашиот домашен миленик има доволно вода и нема никаква иритација околу носот или устата, претераното лижење може да биде причина за стрес, па најдобро би било да се обратите кај ветеринар.
Прекумерното опаѓање на крзното може да биде знак за стрес кај кучињата
Ветеринарката, Моли Фарел смета дека наглото опаѓање на крзното може да биде симптом за стрес кај некои кучиња. Доколку стресната ситуација е краткорочна, тоа би можело да престане за три до четири дена.
Ако кучето лае или квичи повеќе одошто вообичено, би можело да е под стрес
Директорот на Медицинскиот центар за животни во Средна Америка, Тревис Арндт изјавил дека зачестеното квичење или лаење може да е знак дека вашето куче не се чувствува добро. Според него, вокализацијата е начин на кој кучињата комуницираат кога нешто им треба, а кога тоа го прават повеќе од вообичаено, можно е да доживуваат стрес.
Мачки со стекнати хигиенски навики кои вршат нужда надвор од кутијата со песок, можно е да се под стрес
Кога мачката ќе престане да ја користи кутијата со песок, не го прави тоа затоа што и’ здодеало, туку може да биде знак дека таа доживува стрес. Наместо да ја казнувате поради тоа, закажете преглед кај ветеринар, за да може да воочи евентуални здравствени проблеми.
Извор: ljepotaizdravlje.hr