Над 20.000 посетители се очекуваат во Дојран за Илинден – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/20 3:22 PM

Над 20.000 посетители се очекуваат во Дојран за Илинден

Огромен број посетители и туристи очекува општина Дојран за време на продолжениот Илинденски викенд. Градоначалникот Анго Ангов вели дека се подготвени да ги дочекаат сите посетители и секако да се погрижат за нивната безбедност.

 

,, За таа цел веќе имаме координација со повеќе институции пред се’ со МВР, со комуналното претпријатие. Десетина комунални радари ќе се грижат за почитувањето на мерките за заштита а ќе делат и едукативни флаери за неопходноста од нивното почитување. Обезбедивме и бесплатни маски за оние посетители кои што на лице место ќе бидат затекнати без заштитна опрема,“ вели Ангов.

Тој додава дека за време на викендот ќе бидат зголемени и засилени и полициските контроли, па се очекува и оние посетители кои што и по укажувањата и опомените и понатаму не ги почитуваат мерките, да бидат и санкционирани се’ во интерес на здравјето на сите.

Дојранскиот градоначалник  им препорачува на посетителите и туристите, да не ги користат само плажите во централното продрачјеза да не се создава гужва и дека може слободно да се користат и плажите кои што надвор од Дојран затоа што сите тие се покрај Дојранското крајбеже и на нив може да се почитува задолжителната дистанца.

,,На крајот на Дојран во близина на Граничниот премин, поточно месноста Сретеново има големи и слободни плажи кои што можат да се користат од посетителите, потоа тука е плажата Свети Никола а се поатрактивна станува и плажата Николиќ, до каде сега општината гради попристапен пат. Дел од овие плажи имаат соодветна инфраструктура, дел не, но и за нив таа е достапна во близина. Главно овие диви плажи произлегоа од распаднатата патека покрај плажата,“вели Ангов.

Инаку во општина Дојран кој подолго време одолевање на коронавирусот, пред извесно време беа регистрирани седум случаи.Сепак вели Ангов тие навреме беа откриени и сите кластери беа изолирани и под контрола а веќе има оздравени лица од активните случаи.