И по Блатер – Инфантино, Швајцарија започнува со истрага против претседателот на ФИФА – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/20 2:40 PM

И по Блатер – Инфантино, Швајцарија започнува со истрага против претседателот на ФИФА

Историјата се повторува. И ако постои едно место или организација во светот кадешто оваа позната фраза се отелотворува, тоа дефинитивно е „куќата на фудбалот“ – ФИФА.

Кога за момент фудбалската јавност помисли дека водите во ФИФА барем на неколку години ќе мируваат, од Швајцарија доаѓаат нови, очекувани и помалку очекувани информации.

Специјалното јавно обвинителство во Швајцарија, започнува истрага за криминални дејствија на првиот човек на светската фудбалска организација, Џани Инфантино и јавниот правобранител на Швајцарија, Михаел Лаубер.

Лаубер, кој минатата недела понуди оставка, веднаш по именувањето на специјалниот јавен обвинител, Стефан Келер, во 2017 година со Џани Инфантино во неколку наврати имал средби вo кои се разговарало за статусот на истрагите поврзани со корупција со ФИФА и високи челници од самата организација.

Разговорите помеѓу овие две страни не биле официјални, туку биле одржани во тајност, а темата на дијалог на Инфантино и јавниот правобранител е индикатор за сомнеж дека во ФИФА сè уште лебдат старите духови, а претставува причина за органите на власта да започнат со истрага за случајот.

Специјалниот јавен обвинител, Стефан Келер, објасни дека во овој случај постојат елементи кои „однесувањето на одредени субјекти го прават разбирливо“.

Минатата недела судот донесе одлука дека Лаубер на средбите со Инфантино изнесувал лаги и ги пречекорувал своите овластувања и овластувањата на неговите надредени.

Лаубер стана последниот човек во низата кој ја изгубил својата работа, поради истрагата од 2014 година, по Сеп Блатер и Мишел Платини.

Од ФИФА засега одбиваат да дадат коментар.