Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против Љупчо Златев, главен и одговорен уредник на интернет порталот „Лидер“, за оддавање службена тајна.
Тој е обвинет дека во текот на првата половина на јули, како главен и одговорен уредник на интернет порталот, објавил информации од Управата за безбедност и контраразузнавање (сегашна Агенција за национална безбедност) кои биле класифицирани како службена тајна, а до кои тој дошол на противправен начин.
– На 9 јули на интернет порталот и на Фејсбук страницата на тој интернет портал, обвинетиот објавил текст со наслов: „Скандалозни документи од Управата за безбедност и контраразунавање: Синот отстранет од Агенцијата за национална безбедност, затоа што таткото протестирал против промена на името”. На 12 јули, пак, на интернет порталот тој објавил текст со наслов: „(Видео) Христовски: Мојот син е жртва, исклучен од Агенцијата за национална безбедност затоа што УБК ме следела како терорист”. Во двата текста обвинетиот на јавноста и сторил достапни копии од документи од Управата за безбедност и контраразузнавање – акти од оперативна проверка на лице, кои претставуваат класифицирани информации, се вели во соопштението од ОЈО.
Златев пак се огласи на својот фејсбук профил и на порталот „Лидер“ и ваквото обвинение го нарече „класично вршење притисок на ОЈО врз Економски лидер“ и против него.
Според него документите кои ги објавил биле од јавен интерес и делото би го повторил бидејќи слободата и демократијата како што напиша, му биле поважни од било која уредба.
– Јас објавив дека само поради тоа што еден татко одел на протести против промената на името, синот изгубил безбедносен сертификат и поради тоа изгубил можност да работи во Агенцијата за национална безбедност. Оваа конструкција на УБК е класичен удар кон политичките слободи на граѓаните, огромен ЈАВЕН ИНТЕРЕС и поради тоа ги објавив документите кои ми ги достави свиркач. Доколку сега добијам слични документи, без да размислувам ќе ги објавам!!! Делото можам да го повторам веднаш, бидејќи слободата и демократијата ми се поважни од било која уредба! Независно дали злосторникот Заев ќе ми ги прати насилниците на неговиот партнер Сашо Мијалков или ќе ми ги прати обвинителите – јас за она во што верувам подготвен сум ако е потребно и да стојам сам. Правдата ќе ја барам, ако треба и до Стразбур, ако треба и од затвор ќе се борам против ова тоталитарно зло, напиша Златев на фејсбук.