Лидерите на Фејсбук, Амазон, Гугл и Епл на сослушување, демантираат дека ја задушуваат конкуренцијата – ММС
ММС

Објавено на: 07/30/20 9:44 AM

Лидерите на Фејсбук, Амазон, Гугл и Епл на сослушување, демантираат дека ја задушуваат конкуренцијата

Марк Зукерберг од Фејсбук, Џеф Безос од Амазон, извршниот директор на Гугл, Сундар Пичаи и на Епл, Тим Кук, чии компании имаат пазарна вредност од околу пет билиони долари, за време на повеќечасовното сослушување преку видео конференција, одговарајќи на прашања на пратениците, ги отфрлија обвинувањата за оштетување на помалите бизниси во онлајн рекламирањето, додавајќи дека тие ги поддржуваат двете кампањи за претседателските избори во САД.

Тоа беше нивно прво заедничко сослушување, а Безос првпат се појави пред пратениците.

Водечките технолошки компании се товарат за кражба на содржини, задушување на конкуренцијата и генерално за злоупотреба на нивната доминација на пазарот, вклучително и аквизиции на ривалите. Конзервативците, исто така, тврдеа дека ги цензурираат нивните политички ставови.

Републиканецот Џим Џордан ги обвини компаниите за спречување на конзервативците да контактираат со приврзаниците, а претходно претседателот на САД, Доналд Трамп се закани дека ќе „воведе правда“ во големите технолошки компании преку издавање на извршни регулативи.

Марк Цукерберг ја оправда доминацијата на Фејсбук во социјалните мрежи, тврдејќи дека во 2012 година, Инстаграм бил „мала апликација за споделување фотографии“, но тој од неа направил феномен на социјалните медиуми.

Безос, пак, не негираше дека Амазон користи податоци од трети лица (продавачи) за креирање сопствен план за пристап до купувачите, претпазливо одговарајќи како тие воделе политика против таквите обиди. „Ако откривме дека тоа некој го прекршил, ќе преземевме акција против нив“, рече тој.

Тим Кук ги отфрли обвиненијата за нечесен однос кон конкуренција и високите провизии кои Епл ги наплаќа од креаторите на апликации за App Store. „Не се согласувам со тоа“, истакна Кук, објаснувајќи дека програмерите се натпреваруваат, а можат да пишуваат апликации и за Андроид или Виндоуз или за Иксбокс или ПлејСтејшн.

а1он.мк