Полицијата не исклучува можност пожарот во Велес да е подметнат – ММС
ММС

Објавено на: 06/22/18 10:34 AM

Полицијата не исклучува можност пожарот во Велес да е подметнат

Екипите на СВР Велес и основниот јавен обвинител при ОЈО Велес вчера завршија со увидот на терен, што траеше два дена по трагедијата во која во трошна куќа во долот под ридот Вршник во самата шума на 20 јуни попладнето околу 16 часот живи изгореа три дечиња на четри,две и една година.

На новинарско прашање дали можеби пожарот бил подметнат од СВР Велес велат дека има претпоставки, но за да се поднесе кривична пријава тоа треба да го потврди понатамошната истрага која продолжува.

– Увидот на терен заврши и ние се повлековме од местото на настанот. Тоа е техничкиот дел, но продолжуваме со оперативниот, односно ќе работиме на оперативни сознанија – ќе се продолжи со разговори со граѓани, комшии и останати кои имаат некакви сознанија во врска со случајот.Тоа значи дека истрагата во врска со трагичниот настан продолжува, појасни Верољуб Додевски портпарол на СВР Велес.

Како што информира за МИА, Гордана Тодорова в.д.јавен обвинител од ОЈО Велес увидот на терен од страна на нејзината колешка бил завршен вчера околу 13:30 часот.

-Увидот е завршен, но во тек се вештачењата, анализите и испитувањата во врска со настанот, појасни Тодорова.

Со одлука на Советот на општина Велес на синоќешната вонредна седница денешниот ден 22 јуни е прогласен за Ден на жалост. Попладнево во 13 часот на градските гробишта во Раштани ќе бидат погребани Теона, Петар и Драгана.

Срцата на нивните родители, 37-годишните Никола Давчевски и Марина Антониевска се скршени. По вчерашните најави за парична помош на некои од институиите и општината тие вчера за медиумите изјавија дека сега секоја помош за нив е задоцнета и бесмислена, бидејќи го загубиле највредното – своите деца и домот кој со сопствени раце без ничија помош сами го изградиле, а сега немаат ништо.

Советот синоќа донесе одлука за помош на семејството за еднократна парична помош од 100 илјади денари и обезбедување гробно место од 13 илјади денари.

Некои од комшиите и пријателите изјавија дека иако сиромашни и без основни приходи Никола и Марина биле грижливи родители кои се мачеле и обезбедувале егзистенција за своите деца. Семејството добивало социјална помош и работеле на собирање на пластични шишиња. Повеќе пати од надлежните барале помош за добивање социјален стан и други потреби, но со исклучок на минимална помош од две илјади, досега не добиле никаква друга помош, а биле одбиени да добијат социјален стан.

Инаку, со залагање на градоначалникот Аце Коцевски, 19 годишниот син Стефан Антониевски од првиот брак на Марина,  ќе биде вработен во ЈКП „Дервен“ во Велес.

Извор: МИА