Фотографија и коментар на интернет порталот Тајм Аут е повод за кавга помеѓу Невзат Бејта поранешниот лидер на огранокот на ДУИ и градоначалник и Јетон Селими актуелниот претседател на гостиварскиот огранок на Алијанса за албанците. Кој и кого фотографирал на јадранските плажи и што сакал да покаже не e баш најјасно. Случајот по сè изгледа ќе има разврска пред надлежните судови, а на него веќе работат и истражните органи.
Деновиве во јавноста се појави фотографија која беше многу коментирана. Имено станува збор фотографија на која Невзат Бејта е снимен додека бил на одмор во местото Ѓири и Љаљзит во близина на Драч. На фотографијата има и коментар дека тој се одмара иако ДУИ во 6 ИЕ загубила на изборите 6:3.
По објавувањето, на 27 јули, Бејта го пријавил случајот во полиција. Тој за ММС наведе дека тоа го направил поради тоа што бил неовластено сниман со тоа му се нарушени приватноста и угледот. Бејта тврди дека на фотографијата е тој и членови на неговата фамилија, за кои рече дека му се внуки. Се сомнева дека тоа го направил Селими или некој од луѓето што биле со него на 21 јули кога ги видел на плажите
Полициски извори потврдија дека на Селими денес му е испратена покана за разговор по претходно поднесена пријава.
Лидерот на локалниот огранок на Алијансата за албанците, Јетон Селими на прес-конференција попладнево потврди дека бил во полициска станица и имал разговор. На инспекторот му објаснил дека не знае кој ја направил фотографијата и дека нема врска со нејзината објава. Смета дека мотивот на Бејта има политичка заднина и е поврзан со резултатите од последните избори.
Дали политичкото ривалство и желбата за реванш ќе одат понатаму, засега не се знае. Исто, како и што не се знае кој ја направил проблематичната фотографија. Но, извесно е дека двајца гостиварци се виделе на плажите на Јадранското море, од каде не понеле убави спомени по одморот.