На училиште со физичко присуство и часови од 20 минути – еден од предлозите од МОН – ММС
ММС

Објавено на: 07/29/20 5:29 PM

На училиште со физичко присуство и часови од 20 минути – еден од предлозите од МОН

Да се напушти концептот на онлајн настава, со исклучок на деца со хронични болести и изведување на настава од септември со физичко присуство – тоа е еден од концептите што го предлага Министерството за образование и наука (МОН). При тоа, како што најавува заменичката министерка Елизабета Наумовска, часовите ќе се одржуваат по 20 минути со мал број на ученици, а доколку им потреба да се организира часот во две групи на деца. Учениците ќе имаат задолжителна обврска за дезинфекција.

Ова е само еден од моделите што се предлагаат. Кој модел ќе се примени, ќе зависи од општина до општина, во зависност од бројот на болните од ковид – 19. Конечното решение ќе се знае до 15 август.

-Постои варијанта во училницата наставникот да има камера и микрофон и учениците кои не можат да дојдат на училиште, наставата да ја следат од дома, изјави Наумовска за ТВ 21.

Вториот предложен модел е комбинираниот и учениците од едно одделение ќе се поделат во две групи и ќе ротираат со физичко следење на наставата на училиште и следење на наставата од дома.

-Недела или две на училиште, па ротација следење на настава од дома, за да дојде другата група ученици, која била дома, вели заменичката министерка.

Во МОН се изготвуваат протоколи за средношколците кои патуваат со автобус до училиште и сместување во интернети.

Состојбата со ковид – 19 ќе се следи постојано и во случај на влошување во одредена оопштина или регион, ќе примени моделот на онлајн настава. По сугестиите на стручната јавност дека физичкото присуство на училиште е најефикасниот начин на учење, се предложени овие модели на настава.