На една страна вооружени специјаци, на друга општинари и жители предводени од градоначалникот на Боговиње, се сликата од 1500 метри надморска височина на Шар Планина.
Полицијата не дозволува продолжување на работите на поставување на цевководот, со кој жителите од селото Сеничане да добијат вода за пиење. Градежните работи се почнати пред околу три недели, но работите се сопрени од полицијата, со образложение дека Општината Боговиње ги нема потребните градежни дозволи.
Село Сеничане повеќе од десет години нема вода за пиење, а таа што ја имаат е каллива и не за пиење. Над селото е изворот, од каде треба да се изгради цевковод до селото, со кој жителите ќе добијат чиста вода за пиење.
Попладнево не отстапуваат ниту полицијата, која доби наредба да го обезбедува просторот, ниту жителите и десетина вработени во Општината Боговиње, додека градежните машини се декор на настанот и не се во употреба. Синоќа во соопштение, Алијанса за Албанците реагираше дека ова е одмазда на ДУИ преку актуелниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, кој е нивен кадар во знак на одмазда поради изгубените избори во оваа општина.
Алијанса тври дека градоначалникот Албон Џемаили вчера би повикан на разговор во полицијата и му било најавено апсење, доколку продолжи со поставувањето на цевководот.