Предностите на доењето: Зошто мајчиното млеко е најдобра храна за бебето? – ММС
ММС

Објавено на: 07/29/20 7:31 PM

Предностите на доењето: Зошто мајчиното млеко е најдобра храна за бебето?

Мајчиното млеко го содржи сѐ она што му е потребно на бебето, особено во првите шест месеци од животот – хранливи материи, минерали, витамини, вода, антитела, буквално сѐ! Мајчиното млеко го подобрува имунитетот на детето и ја намалува шансата за настанувње болести понатаму во животот. Децата што цицале имаат помал ризик да развијат гојазност, но и помала потреба за забни протези бидејќи нивната вилица подобро се развива. Според некои студии, ако го доите бебето подолго од четири месеци ја намалувате шансата тоа да добие инфекција на увото, а освен тоа се смета дека бебињата што се доени повеќе од шест месеци имаат помал ризик за алергии.

Дали сите хранливи состојки што се неопходни за бебето се наоѓаат во мајчиното млеко?

Да, во него се наоѓа се’ што му е потребно на детето за развој до шест месеци. Во него има идеален однос на белковини, јаглехидрати, витамини и минерали и нема потреба за додавање на какви било други состојки, па ни вода, бидејќи и неа ја има доволно во ова млеко.

Како доењето ѝ користи на мајката?

Доењето не нуди придобивки само за бебето. Непосредно по породувањето доењето ѝ помага на матката да се врати во првобитната големина, а се намалува и постпородилното крварење. Жените што дојат побргу се враќаат кон нивната претходна тежина, а некои резултати покажуваат и дека имаат помал ризик од тоа да добијат рак на дојка или на јајници. Освен тоа, доењето е и многу едноставен начин за хранење на бебето. Особено во вечерните часови многу поедноставно е бебето да го подоите, отколку да  подготвувате храна. Исто така, доењето е бесплатно, а фабричката дохрана за бебето е доста скапа.

Дали доењето боли?

Ако е правилно, не би смеело да боли. Можно е градите да се почувствителни во текот на првите неколку денови, но ако болката продолжува најверојатно бебето не ја прифаќа брадавицата како што треба и ќе биде потребно повторно да се обидете да го научите правилно да цица.

Што е колострум?

Колострумот претставува исцедок од градите што се јавува во првите неколку денови по породувањето. Тој е исто така, идеална храна за вашето бебето во тој период иако се разликува од млекото шо тоа што е малку густ и леплив, но не создава грчеви кај новороденчето. Се состои од вода, протеини и минерали кои му се неопходни на бебето. Најважно е што во колострумот има антитела што заштитуваат од инфекции. Два до четири дена по породувањето жените добиваат и вистинско млеко.

 

Извор: bebac.com