Факундо Кампацо многу блиску до НБА – ММС
ММС

Објавено на: 07/29/20 1:31 PM

Факундо Кампацо многу блиску до НБА

Иднината на еден од најдобрите кошаркари во Евролигата и со сигурност еден од најдобрите светски кошаркари кои не се дел од НБА лигата, Факундо Кампацо, останува неизвесна.

Дали Аргентинецот ќе продолжи со кралскиот клуб или заслужено ќе си ја проба среќата во НБА лигата, останува да видиме, а сериозен интерес за услугите на Кампацо покажуваат Далас Маверикс и Минесота Тимберволвс.

Според Карлос Санчез Блас, Кампацо е на радар на повеќе екипи од „преку океанот“, но тимот на Лука Дончиќ и „волците“ од Минесота најсериозни се во намерата да го доведат плејмејкерот во своите редови.

Во случај на НБА трансфер, на Реал Мадрид ќе треба да му се исплатат шест милиони долари за да го откупат договорот на аргентинскиот интернационалец.

Од потенцијалниот трансфер на Кампацо во НБА, зависи и останувањето на неговиот сонародник Николас Лапровитола во мадридскиот клуб. Доколку Кампацо ја промени средината, тогаш шансите за останување во Реал на Лапровитола се зголемуваат, иако тој има вербален договор со грчки Панатинаикос.

Минатата сезона, дваесет и деветогодишникот во просек по меч забележа 9.9 поени, 7.1 асистенции и 2.3 скокови во 24 минути поминати на паркетот на повеќе од 28 мечеви во Евролигата.