Кавадарци ќе гради зелен затворен пазар со паркинг простор. Денеска кавадаречкиот совет во рамки на 43-та седница даде зелено светло за задолжување на општината пред домашни банки, со што би се реализирал овој проект.
Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека се работи за поволен заем со рок на отплата од 10 години, две години грејс период и каматна стапка од 2,5%.
„Во Кавадарци подолг период се дискутира за изградба на затворен зелен пазар со паркиралиште. Од почетокот на нашиот мандат ветивме нов пазар. Проектот е изработен во јануари и се усогласени сите правни моменти. Стигнавме до таа фаза конечно да имаме понуда за долгорочно задолжување за изградба на зелен пазар со паркиралиште. Би се добил подобар ефект за пазарење. Ќе добиеме современ пазар за зеленчук, овошје, млеко и месо. Секоја тезга која треба да има разладување ќе го има , согласно хасап стандардите. Добиваме 128 паркинг места и два лифта. Еден за пазарџиите , и друг за граѓаните кои ќе пазаруваат. Со тоа ќе добиеме еден комплетно затворен модерен зелен пазар“ рече Јанчев.
Тој исто така нагласи дека ќе се гради и бид зона на улица Илинденска, која исто така ќе биде од големо значење за градот и граѓаните.
„Траба од месец октомври да се почне со градба, а крајниот рок ќе биде октомври 2021 година. Ние сме не задолжена општина. Ризик факторот ни е минимален. Домашните банки ни го одобруваат ова кредитирање само со меница, нема никакво хипотекарно задолжување. Од министерството за финансии е добиена една согласност, треба да добиеме уште една“ додаде градоначалникот.
Тој посочи дека во последните 15 години не е изграден во Кавадарци објект од ваков обем.
Советничката Божанка Минова ја поздрави одлуката за реализација на проектот и праша дали задолжувањето ќе предизвика и дополнителни давачки за граѓаните.
Градоначалникот одговори дека граѓаните нема да имаат дополнителни давачки, бидејќи, како што рече, 60% од заемот ќе се враќа од моменталното бруто работење на пазарот и 40% од работењето на паркингот. Јавните површини од бид зоната ќе носат околу 3 милиони денари годишно. Цените на паркингот ќе бидат како и досега.
Беа усвоени и повеќе измени и дополнувања на програми кои се однесуваат на работењето на локалната самоуправа и годишните планови за вработување во институции кои се под општинска капа.
Градоначалникот на седницата се осврна и на состојбата со корона вирусот. Рече дека кризниот штаб редовно работи и се врши дезинфекција на голем број објекти. .
„ Ја повикувам младата генерација да биде по дисциплинирана во почитувањето на заштитните мерки. Не се главна причина угостителските објекти за ширење на вирусот. Шпекулациите за некои објекти не се во ред. Ризикот постои на секое место. Мислам дека ќе се спаси ситуацијата, бидејќи кластерот е детектиран. Луѓето кои биле во контакти со позитивните се во самоизолација“ рече Јанчев
Ангел Данов