Училиштата во Гостивар останаа без струја – ММС
ММС

Објавено на: 06/22/18 7:37 AM

Училиштата во Гостивар останаа без струја

Екипи на ЕВН им ја исклучија струјата на повеќе основни и средни училишта во Гостивар, поради нередовно плаќање на сметките за струја. Без електрично напојување остана и спортската сала Младост во Гостивар.

Директорите на училиштата побараа одговорност од општината, поради исклучувањето на струјата во образовните институции. Поради немање електрична енергија не можеме да спроведуваме никакви активности во училиштата, рече директорот на средното Медицинско училиште Агрон Алии.

Од Општина Гостивар испратија соопштение до медиумите, но не дадоа никакво образложение за исклучувањето на струјата во училиштата. Се задржаа само на спортската сала во Гостивар, која исто така остана без струја.

– Претходното општинско раководство создаде неподмирени обврски кон ЕВН. И покрај тоа што се самите одговорни за оваа состојба, советниците на ДУИ и нивните партнери СДСМ, НДП и ДСР гласаа против предлог одлуката за доделување на субвенции во износ од 500 000 денари намененети за плаќање на заостанатиот долг за струја на Јавното претпријатие Младот од Гостивар, кое стопанисува со спортската сала,  стои во реакцијата на Општина Гостивар.

Директорите на училиштата во Гостивар се кадри на ДУИ и СДСМ, кои ги постави Министерството за образование, откако на градоначалникот Арбен Таравари му ги одзеде ингеренции.

Зоран Димовски