Светскиот туризам во загуба 320 милијарди долари само до мај – ММС
ММС

Објавено на: 07/29/20 9:15 AM

Светскиот туризам во загуба 320 милијарди долари само до мај

Пандемијата од коронавирус предизвика загуба од 320 милијарди долари на светскиот туризам за периодот од јануари до мај, во однос на истиот период минатата година, објави Светската туристичка организација (WTO).

„Toa е трипати поголема загуба за меѓународниот туризам отколку за време на светската економска криза во 2009 година“, оцени организацијата на ООН со седиште во Мадрид.

Бројот на меѓународни туристи од јануари до мај оваа година паднал за 56 проценти во споредба со истиот период во 2019 година, односно за 300 милиони туристи, според WTO.

И покрај бавното започнување на туризмот, особено во северната хемисфера, „индексот на доверба кој е утврден од WTO е најнизок во историјата“, се вели во соопштението.

Меѓу главните ризици за туризмот се повторното појавување на пандемијата и можноста за карантин, како и фактот дека Кина и САД се „во мртва точка“, а претходно беа главни извори на туристи.

На почетокот на мај, WTO предвиде пад на бројот на меѓународни туристи од 60 до 80 проценти за целата 2020 година, со загуби што може да достигнат од 910 до 1,2 трилион долари.

Агенцијата вели дека се загрозени 100 до 120 милиони работни места во светскиот туризам.

денар.мк