Почна продажбата на добиток за Курбан Бајрам во Гостивар – ММС
ММС

Објавено на: 07/28/20 5:05 PM

Почна продажбата на добиток за Курбан Бајрам во Гостивар

Сточарите и сопствениците на добиток од денеска започнаа со продажба на крупен и ситен добиток пред празникот Курбан Бајрам.

Продажбата оваа година се одвива на локацијата позната како „сточен пазар” во населбата Фазанерија.

Локалната самоуправа за да овозможи поголем ред и да се одржува потребната чистота, уште минатата недела ја објави локацијата и апелираше до граѓаните да го користат овој простор.

– Во соработка со компанијата „Прогрес пазари”, како локација за продажба на бајрамските курбани, го определивме сточниот пазар во населба „Фазанерија”. Одгледувачите на добиток, овој простор може да го користат без надоместок, а продажбата на курбани вон назначената локација, е строго забранета. Комуналните инспектори деновиве ќе биде активни на теренот и ќе ги преземат сите мерки против прекршителите на законот за јавна чистота, наведоа од општина Гостивар.

Со оглед дека денеска е пазарен ден во Гостивар, раздвиженоста беше поголема и имаше купувачи. Но, и обични посетители кои ги проверуваа цените. Традиционално и најчесто се купуваат овци. Годинава цената се движи од 120 до 140 евра по грло и според некои од луѓето што ги сретнавме тоа е прифатливо. Од друга страна пак, продавачите на курбаните велат дека оваа година не се задоволни од интересот на граѓаните. Се пожалија дека нема загарантирана цена, а многу негативно влијае и отсуството на печалбарите.

Традицијата во исламот налага на празникот да се заколе добиток и месото да се подели со сиромашните, соседите и роднините. Продажбата на добиток ќе и во петок 31 јули.