Светскиот Ден на археологијата одбележан со научен симпозиум во Кавадарци – ММС
ММС

Објавено на: 07/28/20 3:20 PM

Светскиот Ден на археологијата одбележан со научен симпозиум во Кавадарци

Светскиот Ден на археологијата – 28 Јули беше одбележан со научен симпозиум во Кавадарци. На симпозиумот, на кој присутноста беше според мерките и протоколите за заштита од коронавирус, се говореше за актуелности од областа на археологијата.

Проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс говореше на тема „Старите утврдувања – врвни археолошки ресурси за културно туристичкиот развој на Општина Кавадарци”, проф. д-р Марјан Јованов за „Три археолошки бисери на Тиквешијата”, проф. д-р Антонио Јакимовски за „Убикација на Антигонеа”. Кустос-советникот Весна Ѓорѓиева говореше за „Развој на археологијата во Локален Музеј – галерија Кавадарци”, а кустос Весела Честоева се осврна на темата „Институционален развој на археологијата – Национална установа – Археолошки музеј на Македонија”.

-Територијата на општината Кавадарци е извонредно богата со древните утврдувања. Денес на овие утврдувања треба да им се посвети посебно внимание од аспектите на проучувањето, заштитата, конзервацијата и презентацијата, односно нивно активирање во рамките на културно-туристичкиот развој на кавадаречката заедница, рече Лилчиќ Адамс.

Јованов нагласи дека Тиквешкиот регион, со својата плодна почва, богатството од води, шуми и рудни ресурси, уште од најдалечната праисторија, од неолитскиот човек бил препознаен како простор на кој може и вреди да се живее. Археолошките остатоци од различни периоди на човековото егзистирање се најдобро сведоштво за тоа.

-Античкиот град Антигонеа беше интензивно баран речиси сто години. Од професорот Никола Вулиќ па до денес неговата локација беше голема енигма. Кандидатите за неговата убикација беа: Градиште село Војшанци, Градиште Неготино и Чаир Рид село Тремник, рече меѓу другото Јакимовски.

Ѓорѓиева истакна дека Тиквешката т. е. кавадаречката област во рамките на нашата држава, спаѓа во редот на региони со голем број археолошки локалитети со богати материјални остатоци, кои се свидетели на човековите активности од најраните епохи на цивилизацијата па се до денес. Поволните геоморфолошки и хидролошки потенцијали и патни артерии на Тиквешката котлина придонеле за постоењето на богатата и разновидна археолошка содржина, во континуитет во сите изминати периоди.

Честоева рече дека со Археолошкиот музеј, се успеа да се направи спој на модерен и технички рафиниран музејски столб за културна интеракција меѓу нашето минато и сегашност, меѓу историјата и современото живеење , меѓу археологијата и културниот идентитет на македонскиот народ, напластен низ вековите на цивилизацискиот развој.

Организатор на симпозиумот насловен „Археологијата во Тиквешијата и регионот” беше Локален музеј галерија од Кавадарци, во соработка со Катедрата за археологија при Филозофски факултет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје. Покровители на настанот беа Министерството за култура на Република Северна Македонија, градоначалникот и Советот на општина Кавадарци.

Како одговорен уредник беше посочена Ѓорѓиева, инаку директор на Музеј галеријата. Раководител на проектот беше Честоева, а соработници, кустосите Трајче Цветков и Раде Атанасов.