Македонска Каменица со четири потврдени случаи на ковид -19 – ММС
ММС

Објавено на: 07/28/20 2:00 PM

Македонска Каменица со четири потврдени случаи на ковид -19

Рутински тест неопходен за патување во странство, го откри првиот позитивен случај на ковид – 19, по кој потоа излегоа уште три нови случаи. Станува збор за бугарски државјанин, вработен во рудникот Саса, кој требало да патува во Бугарија. Рудникот дополнително со лабораторијата „Авицена“ организираше земање на 41 тест, за луѓе кои биле во контакт со заболениот. Резултатите се познати и од  направените тестови, три се позитивни, од кои еден колега од рудникот и двајца од заболените се од објект каде престојуваат странските државјани, кои работат во руднкот. Сите се асимптоматски. Нивните блиски и контакти, пак, се вработени на места каде поминуваат стотици граѓани, чии резултати се очекуваат деновиве. Сите се ставени во самоизолација.

Денеска нема новозаболени во Македонска Каменица.

Сепак, стравувањето е дека вирусот може да се прошири низ градот. Општинскиот штаб за заштита и спасување презеде редица мерки и активности за дополнителна заштита и спречување на ширењето на корона вирусот. Вчера беа одржани и одделни состаноци со претставници на угостителскиот сектор, производствените субјекти, како и од трговската мрежа и услужните дејности.

Градоначалничката Соња Стаменкова ја истакна  сериозноста на ситуацијата со појавата на првите позитивни случаи од ковид – 19 и упати апел до сите граѓани на општина Македонска Каменица за почитување на мерките за заштита. При тоа,  напомнува дека со носењето наски и држењето на минимално потребно растојание од 2 метри, сите заедно можеме значително да допринесеме во спречувањето на ширењето на заразата. Од присутните претставници на приватниот сектор и институциите побара строго почитување на пропишаните протоколи, пред се за заштита на нивното лично зравје, зравјето на најблиските и здравјето на сите граѓани.