Заради зголемувањето на бројките на новоинфицирани во гостиварскиот регион потребно е да се спроведат активности за доследно почитување на мерките за заштита од корона вирусот. Наскоро ќе започне и нова тура на дезинфекција на јавните површини. Ова беа дел од заклучоците на кризниот штаб за општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше. Во трите општини според последните бројки на здравствените власти има близу 230 активни случаи од кои дваесетина се третираат во болнички услови.
Меѓуопштинскиот кризен штаб на 23тиот состанок ја разгледуваше состојбата со коронавирусот за иминатава недела. Претставниците на институциите кои членувааат во штабот, констатираа дека има пораст на новозаразени и споредено со минатата недела бројката е зголемена за осумдесетина нови.
– Состојбата на подрачјето и натаму е сериозна. До денес, активни случаи има 227 од кои 179 во Гостивар, 43 во Врапчиште и 5 во Маврово и Ростуше. Потребно е дополнително ангажирање на институциите кои се вклучени во кризниот штаб да влијаат врз граѓаните за доследно почитување на мерките за заштита и препораките на здравствените власти, рече Ваљбон Лимани од кризниот штаб

Од ЈП Комуналец истакнаа дека во моментов не спроведуваат дезинфекција низ градот. Причина е недостигот од средства и дека е неопходно таа да се интензивира во наредниов период. Барањето ќе биде разгледано на состанок на локалните власти за да се најде соодветно решение.
Во моментов во гостиварско има 144 лица во изолација кои имале позитивни тестови или се асимптоматски, а на дневни ниво се казнуваат по двесетина до триесет граѓани заради неносење на маски.
Во последната статистика на здравствените власти од почетокот на пандемијата регистрирани се вкупно 387 случаи. Од нив, во општина Гостивар 287, Врапчиште 87, а во Маврово Ростуше 13 случаи. Направени се 1.365 тестирања. Досега, како последица од Ковид-19 починале 24 лица, најмногу во Гостивар 17, Врапчиште 6 и едно во Маврово и Ростуше.
Од Штабот упатија апел до земјоделците да ги доставуваат податоците за субвенции по електронски пат или со јавување по телефон, бидејќи како што кажа претставникот на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заради просторните услови не се во можност да ја одржат пропишаната раздалеченост и се зголемува ризикот од ширење на вирусот.


